Активистите потоа се јавиле на официјалниот број за итни случаи 112 и се обиделе самите да дојдат до момчињата. Бугарската полиција, наводно, ги попречила обидите за спасување на организациите и покрај тоа што ѝ била прикажана снимка од едно од момчињата на снег. Момчињата кои подоцна биле идентификувани како Ахмед Самра (17), Ахмед Елавдан (16) и Сеифала Елбелтаги (15), биле пронајдени мртви, а Ахмед Самра бил пронајден со отпечатоци од кучешки шепи и отпечатоци од чизми околу неговото тело. Во извештајот се тврди дека ова покажува оти „граничната полиција веќе го пронашла, можеби сè уште жив или мртов, но избрала да го остави таму на студ“.
Извештајот дава детали и за систематско малтретирање на спасувачките тимови на организациите при пад на температурите во декември, како и вандализам на еден од нивните автомобили кој бил пронајден со скршени стакла и проблеми со моторот. Неколку организации за човекови права во последниве години алармираа поради, како што велат, наглото зголемување на нападите на оние кои покажуваат солидарност и работат со барателите на азил и мигранти низ Европа. Бугарските власти минатиот септември се најдоа во центарот на јавноста откако истражувачкиот медиум „Balkan Insight“ откри докази кои сугерираат дека службеници од Фронтекс, граничната агенција на ЕУ, биле заплашувани за да молчат за кршењето на правата на лица, за што службениците биле сведоци на бугарската граница. За смртта на тројцата тинејџери, организациите „NNK“ и „CRB“ повикаа на независна истрага за системското насилство и небрежноста од бугарските власти. Бугарското Министерство за внатрешни работи ги отфрли наводите и рече дека неговите гранични сили реагирале навремено на извештаите за млади луѓе во неволја, испраќајќи патроли „веднаш“, но дека телата биле пронајдени на различни локации од првично дадените. Велат дека истрагите за овие случаи продолжуваат и додаваат оти граничната полиција „не дозволува ниту толерира какво било изразување на нечовечко или непочитувачко однесување на нејзиниот персонал кон граѓаните“. Извор: Новинска агенција МЕТА