Проектот за брз автобуски превоз (БРТ) се наоѓа во последната фаза на одобрување од страна на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а во текот на наредните неколку дена се очекува распишување на тендерот за негово проектирање и изведба, соопшти градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
На гостување во емисијата „Ноќно студио“, Ѓорѓиевски информираше дека до банката веќе е доставена сета потребна документација и во моментов се очекува официјалниот одговор, со цел постапката целосно да се заокружи до крајот на оваа недела, по што ќе следува објавувањето на јавниот повик.
– Работиме во целосна координација и поврзаност со ЕБОР, а тендерската постапка ќе биде спроведена во согласност со европските регулативи. Очекувам во текот на наредните неколку дена да биде објавена тендерската постапка – истакна Ѓорѓиевски.
Од Град Скопје посочуваат дека во рамките на реализацијата на БРТ-системот ќе се задржи постојното средишно зеленило на булеварите, со што модернизацијата на јавниот градски превоз ќе се одвива паралелно со зачувување на животната средина.
Според проценките на скопскиот градоначалник и стручните тимови вклучени во проектот, по завршувањето на тендерската постапка и изборот на изведувач, градежните активности би можеле да започнат доцна напролет следната година, со поставување камен-темелник и официјален старт на теренската изградба.
Ѓорѓиевски, во своето гостување во „Ноќно студио“ информираше и за реализацијата на проектот за ставање во функција на мостот на улицата „Љубљанска“.
Како што посочи градоначалникот, проектот претставува значаен инфраструктурен зафат со кој ќе се воспостави нова сообраќајна врска меѓу улицата „Љубљанска“ и улицата „Скупи“.
Со реализацијата на проектот ќе се подобри поврзаноста на Карпош со северниот и западниот дел од Скопје, ќе се олесни пристапот кон Бардовци и Злокуќани и ќе се придонесе кон растоварување на постојните сообраќајни правци.
-Овој проект предолго беше во застој. Нашата цел е да го активираме и да го ставиме во функција, бидејќи мостот на ‘Љубљанска’ ќе значи нова и подобра сообраќајна поврзаност за граѓаните на Скопје, истакна Ѓорѓиевски.
Со реализацијата на „Љубљанска“, Скопје добива уште една важна алка во својата сообраќајна мрежа, со која ќе се овозможи побрзо и пофункционално движење меѓу повеќе делови од градот. ра/сст/
МИА