Првиот воз во Велика Британија што работи целосно на батерии и може да се полни супербрзо ќе започне со превоз на патници овој викенд, објави Guardian. Возот ќе сообраќа на рутата долга пет километри помеѓу West Ealing и Greenford, во западен Лондон, со вкупно четири постојки и капацитет до 273 патници.
Батеријата се полни за само три и пол минути на станицата West Ealing, меѓу две возења, преку полнач со моќност од 2.000 kW. Системот се активира исклучиво кога возот ќе застане точно над уредот, што овозможува работа без трета шина или надземни електрични водови.
Возот веќе ја има докажано својата ефикасност – може да помине над 200 милји со едно полнење, а минатата година постави светски рекорд за најдолго изминато растојание од електричен воз на батерии, надминувајќи го германскиот рекорд поставен во 2021 година.
„Ова е важен момент за сите вклучени во овој иновативен проект. Тестирањето покажа дека батериите се сигурна алтернатива таму каде што електрификацијата не е возможна или не е пожелна“, изјави инженерскиот директор на GWR, Сајмон Грин.
Од Network Rail додаваат дека технологијата претставува значаен чекор за железничката индустрија и ќе има клучна улога во транзицијата кон транспорт со ниски емисии, како и во постигнувањето на целта за нето-нулта емисии до 2050 година.
Според GWR, ова решение би можело да овозможи воведување на нискојаглеродни железнички линии и на подолги релации, особено во југозападна Англија.