Француската премиерка Елизабет Борн денеска изјави дека планот на Владата за зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години „повеќе не е предмет на преговори“.
Како што пренесуваат агенциите, изјавата на премиерката дополнително ги „налути“ противниците и синдикатите кои планираат нови масовни протести и штрајкови оваа недела.
Зголемувањето на старосната граница за пензионирање е дел од поширокиот закон што го спроведува францускиот претседател Емануел Макрон во неговиот втор мандат.
Нацрт-законот наиде на широк отпор во јавноста, така што повеќе од милион луѓе протестираа против него на почетокот на овој месец, а незадоволството е поттикнато и од тоа што не е јасно што тој ќе им донесе на француските работници.
Борн рече дека за возраста за пензионирање „повеќе не може да се преговара“ и дека пензионирањето ќе биде на 64 години, а продолжувањето на бројот на години потребни за да се заработи целосна пензија е „компромис предложен по разговорите со работодавачите и синдикатите“.
По нејзината изјава, нагло се зголеми бројот на потписи на онлајн петиција на синдикатот кој се бори против планот за пензионирање.