Почетна ЕкономијаБелата куќа: Потпишувањето на договорот за ТикТок ќе се случи „во наредните денови“

Белата куќа: Потпишувањето на договорот за ТикТок ќе се случи „во наредните денови“

од nenad
1 минути читај за

Белата куќа објави дека се очекува спогодбата за американскиот бизнис на платформата за споделување кратки видеа, ТикТок, да биде официјализирана во наредните денови.

Претставничката за медиуми на Белата куќа, Каролин Левит, во интервју за американската телевизиска куќа Фокс Њуз изјави дека деталите за иднината на апликацијата во САД „веќе се договорени“.

“Сега само треба да потпишеме договор и тоа ќе се случи. Очекувам дека тоа ќе се случи во наредните денови,” рече Левит.

Компанијата-мајка на ТикТок, „Бајтденс“ (ByteDance) со седиште во Пекинг, се соочува со повеќемесечна неизвесност околу работењето на апликацијата во САД, каде што има околу 170 милиони корисници.

Американските функционери изразија загриженост дека кинеската влада би можела да добие пристап до огромни количини лични информации и да ја користи платформата за остварување политичко влијание. ТикТок и „Бајтденс“ ги демантираа овие тврдења.

Левит посочи дека според договорот, ТикТок ќе биде “во мнозинска сопственост на Американци во САД. Ќе има седум места во одборот на директори што ја надгледува апликацијата во САД, а шест од тие места ќе бидат американски”.

“Податоците и приватноста ќе бидат водени од една од најголемите американски технолошки компании, „Оркал“ (Oracle), а алгоритмот исто така ќе биде контролиран од Американци,” додаде Левит.

Според прописите донесени минатата година, американското работење на ТикТок мораше да биде продадено од страна на „Бајтденс“ или да биде забрането до 19 јануари. Трамп се согласи на одложување откако ја презеде функцијата во јануари, континуирано одложувајќи ја неговата имплементација и покрај отсуството на законска основа за тоа.

Во САД, „Бајтденс“ – а со тоа и ТикТок – се сметаат за кинески компании. „Бајтденс“ тврди дека компанијата е 60 проценти во сопственост на меѓународни инвеститори и е со седиште на Кајманските Острови. мс/фото: ЕПА . Извор: МИА.