Почетна Убавина и здравјеБезбедноста не треба да се доживува како трошок – Убавина и здравје

Безбедноста не треба да се доживува како трошок – Убавина и здравје

од nenad
4 минути читај за

Разговор со Марија Кукуноска, генерална менаџерка на Premium Safety Solution.

Марија Кукуноска e жена лидер во една од најчувствителните професионални сфери – безбедност. Таа е гласот што не молчи кога се работи за човечкиот живот. Tаа денес ја гради својата визија со уште поголема решителност, претворајќи ја Premium Safety Solution во синоним за доверба, експертиза и современи стандарди. Со неа разговаравме за клучните пресврти, влијанието на трагедијата во Кочани, свесноста за превентивата и нејзиниот препознатлив личен пристап што ја издвојува од преостанатите.

Нашето последно интервју беше во 2023 година, непосредно по формирање на Premium Safety Solution. Оттогаш до денес – што би издвоиле како најзначаен пресврт во работењето и кои беа највредните лекции што ги понесовте од тој период?

2023 беше година во која визијата доби јасен облик, а одлучноста стана реалност. За нас, пресвртниот момент беше тоа што сме препознаени како компанија со сосема различен пристап – не како формалност, туку како основна човечка потреба. Ние бевме подготвени, не само со експертиза, туку со јасна мисија.

Највредната лекција што ја понесов е дека интегритетот и доследноста се најсилната валута во секоја индустрија. Да се изгради доверба, потребни се години, но да се зачува – потребна е искрена посветеност секој ден.

Трагедијата што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани ја отвори темата за безбедноста во објектите – не само како регулатива, туку како морална обврска. Што лично ви значеше тој момент и на кој начин сметате дека го смени јавниот дискурс за безбедноста во Македонија?

Трагедијата во Кочани ја почувствувавме сите – не само како граѓани, туку како луѓе. За мене лично, тоа беше најболниот потсетник дека во нашата земја безбедноста сè уште не е доволно сериозно разбрана и практикувана. Тоа не беше само пожар – тоа беше колективен неуспех во превенцијата. Токму затоа, овој настан беше и повик за будење, кој јас го доживеав како должност да зборувам, да реагирам, да едуцирам. Во секоја моја изјава или едукативна активност, овој момент останува како двигател за уште погласно да зборуваме за она што може да спаси човечки животи.

 Во време кога динамичните работни средини и новите технологии носат со себе и нови ризици, едукацијата за безбедност станува сè поважен столб на одржливиот развој во компаниите. Според вашето искуство, дали македонските компании сè повеќе ја препознаваат важноста на оваа едукација – и каде гледате вистински напредок, а каде сè уште има простор за подобрување?

За жал, уште е присутна и културата на „минимумот“ – таму каде што се вложува само за да се задоволат основните барања. Она што го потенцирам е дека безбедноста не треба да се доживува како трошок, туку како инвестиција во стабилноста на организацијата и благосостојбата на луѓето. Простор за подобрување има – особено акцент треба да се стави во делот на континуираната едукација, превентивниот пристап и развој на интерна безбедносна култура во секој тим.

Колку е тешко да се одржи висок квалитет и професионален стандард во една толку специфична и одговорна дејност како што е безбедноста ? Што е тоа што го прави овој процес особено предизвикувачки – и што е клучот за долгорочна доверба кај клиентите?


Поврзани објави

Одржувањето на висок квалитет во оваа дејност не е нешто што се постигнува еднаш – тоа е процес што бара постојано следење на трендовите, надградба на знаењето и искрен однос кон секој клиент.

Довербата не се добива со договор, туку се гради со доследност, навремена реакција и решенија што ја надминуваат очекуваната услуга. Клучот е во персонализираниот пристап – да го разбереш секој клиент, неговата реалност, ризиците и да понудиш решение што не е шаблон, туку специфично и применливо. Тука лежи и вредноста што ја нудиме – во грижата што оди подалеку од договореното.

Почитта, искреноста и хуманоста – тие не се преговараат.

Premium Safety Solution постојано ги поместува границите на професионалното дејствување. Што е следно? Дали се во план нови едукативни формати, регионални соработки или активности што ќе ја подигнат свеста за безбедност на пошироко ниво?

Нашиот фокус отсекогаш бил секој наш клиент да добие долгорочен партнер во делот на безбедноста и, не само да обезбедиме стручна услуга, туку да бидеме двигатели на промени. Во таа насока, Premium Safety Solution веќе работи на проширување на едукативните активности – со акцент на интерактивните и практични обуки, развиени според европски стандарди. Во однос на регионалните соработки, постојано ги следиме трендовите, едукациите и новитетите, како и размената на експертизата и добрите практики. Свесни сме дека безбедноста не познава граници – и дека само со вмрежување и заедничка акција можеме да изградиме поотпорни системи.

Покрај професионалната експертиза, јавноста ве препознава и по вашиот препознатлив моден стил и автентичен визуелен идентитет. Колку се важни личната естетика и присуството во градењето доверба и сериозност во толку одговорна дејност? Како го усогласувате вашиот професионален кодекс со стилот што ве издвојува?

Верувам дека личниот стил е продолжение на она што сме – тој комуницира пред да зборуваме. Сметам дека грижата за сопствениот изглед секогаш испраќа порака на почитување кон другите и местото каде што се наоѓаме во моментов. Жената секогаш треба да е соодветно облечена за пригодата и да изгледа беспрекорно уредно и во најлошите денови. Мојот стил отсекогаш бил автентичен и одраз е на мојата енергија, дисциплина и посветеност. Сметам дека токму таа автентичност луѓето ја препознаваат и ја ценат, бидејќи е искрена и доследна, исто како и нашата работа.

Разговарала: Јована Стојменовиќ

Фото: Приватна архива