Системот „Безбеден град“ започна да функционира и на подрачјето на СВР Велес, а резултатите од првите 36 часа покажуваат 151 регистриран сообраќаен прекршок.
Информацијата ја соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој заедно со премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на промоцијата на системот за Велес и Повардарието.
Од вкупниот број прекршоци, 124 биле евидентирани во текот на саботата, додека дополнителни 27 се регистрирани до денеска напладне.
Според Тошковски, најголем дел од прекршоците се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина. Само три до четири случаи биле поврзани со минување на црвено светло.
Системот во Велес доби и сопствен команден центар, сместен во реконструирани простории на поранешното Министерство за одбрана. Од него ќе се следи сообраќајот на целото подрачје на СВР Велес, кое ги опфаќа Велес, Кавадарци, Неготино и Демир Капија.
Тошковски оцени дека бројот на прекршоци е значително понизок во споредба со одредени претходни периоди, што, според него, укажува дека возачите се приспособуваат кон новиот начин на контрола.
Министерот упати благодарност до граѓаните кои ги почитуваат сообраќајните правила и порача дека целта на системот е зголемување на безбедноста на патиштата.