Од Агенцијата за „Слободен печат“, велат дека ќе ја следат состојбата и доколку има потреба навремено ќе реагираат, а социјалните мрежи алармираат дека повеќе видови од овој чипс веќе подолго време се продаваат во најмалку два големи трговски синџири на македонскиот пазар
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) нема добиено нотификација преку Системот за брзо известување за небезбедни производи на Европската унија (РАССФ), дека на македонскиот пазар е пласиран компиров чипс Випа, кој беше повлечен и уништен од словенечкиот и италијанскиот пазар, поради зголемено присуство на акриламид.
Производот е на косовската компанија „Пестова“, која извезува во многу европски земји. Од Агенцијата за „Слободен печат“, велат дека ќе ја следат состојбата и доколку има потреба навремено ќе реагираат.
Во меѓувреме, социјалните мрежи алармираат дека неколку видови од овој чипс веќе подолго време се продаваат во најмалку два големи трговски синџири на македонскиот пазар.
Како што веќе објави „Слободен печат“ на 2 јуни годинава, европскиот систем за брза патека ја алармирал словенечката Агенција за храна и ветеринарство за високото ниво на канцерогената хемикалија акриламид во Випа чипс, произведен во Косово. Пратката била испратена на италијанскиот пазар, но некои примероци се земени за анализа за време на транзитот низ Словенија. Резултатите покажале дека количината на акриламид била три пати поголема од дозволената, објави порталот Коссев.
-Извезуваме во многу земји во Европа, но добивме информација од нашиот дистрибутер во Италија дека по анализа, еден од нашите производи излегол со повисоки вредности од дозволените за акриламид – рече менаџерот за квалитет во Пестова, Агран Халими. Потоа, италијанските власти врз основа на резултатите на словенечките власти, како земји од ЕУ ги повлекле од пазарот и ги уништиле.
По добиените информации од ЕУ, косовскиот чипс бил идентификуван од Словенија, а потоа производот, кој бил од рана серија, не се вратил на Косово, туку бил идентификуван и уништен, изјави главниот санитарен инспектор Ибрахим Тершњаку. Тој не знае колкаво е уништеното домашно производство од италијанските власти, но од компанијата „Пестова“ наведуваат дека количината е околу 200 пакувања по 9 чипс, што е вкупно 1.800 вреќи чипс, пишува Коссев.
На почетокот на август на хрватската граница беше стопирана пратка на чипс со вкус на пиперка, произведен во Србија, со големо присуство на акриламид, а од македонската АХВ изјавија дека ако евентуално се потврди дека го има и кај нас, производот ќе биде повлечен. Уште една пратка на српски чипс од производителот Аро са вкус на пиперка беше повлечена од хрватските продавници во јануари годинава.
Акриламидите се хемикалии кои се формираат кога одредени прехранбени производи се печат на високи температури. Ова соединение детално е испитано и пронајдено во одредени производи во 2002 та во Шведска. Од тогаш јавноста е предупредена на неговите последици, а особено загрижува неговата поврзаност со одредени видови на канцер.