По реализацијата на едукативната презентација пред просветните работници од основните училишта во Општина Штип, „Арс Ламина“ донираше по сто книги и едукативни изданија за училишните библиотеки во шест училишта: ООУ „Ванчо Прке“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Димитар Влахов“, ООУ „Славејко Арсов“, ООУ „Тошо Арсов“ и ООУ „Страшо Пинџур“ – Карбинци.
– Со оваа донација, нашата цел е да ги збогатиме библиотечните фондови на училишните библиотеки и да ја продолжиме нашата мисија за поттикнување на читачките навики кај децата. Донацијата се состои од лектири и читанки од едицијата „Лесно читливо“, збирки, вежбанки и други дидактички и нагледни материјали. Благодарност до градоначалникот на Општина Штип – Иван Јорданов, и до раководителот на Одделение за образование, Роберт Аџипетров, кои го препознаа значењето на кампањата „Читањето е супермоќ“. Следниот период ќе продолжиме со презентации и во другите општини низ државата и со донации на книги во училиштата што ќе се вклучат во неа – велат од „Арс Ламина“.
Издавачката куќа „Арс Ламина“, на 15 јуни (сабота), со почеток во 11 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, ќе го организира литературно-музичкиот хепенинг „Читањето е супермоќ“, со кој ќе биде заокружена кампањата за поттикнување на читачките навики кај децата, за оваа учебна година.На настанот ќе бидат наградени победниците на истоимениот литературен и ликовен конкурс „Читањето е супермоќ“, што беше спроведен во градинките и во основните училишта во целата држава. Децата од градинките учествуваа со ликовни творби на тема „Во светот на приказните“, а учениците од основните училишта со ликовни и литературни творби на тема „Во светот на книгите“.