Лидерот на Левица и пратеник Димитар Апасиев остро го критикуваше справувањето со комарците и западнонилската треска во Скопје.
Апасиев преку социјалните мрежи обвини дека прскањето против комарци доцнело, а институциите не ги отстраниле потенцијалните места каде што тие се размножуваат, како канали, бари и мочурливи површини.
Тој постави прашања и околу средството употребено при авионското прскање, за кое тврди дека не било соодветно лиценцирано за таа намена.
Апасиев реагираше и на тврдењата дека вазните со вода на гробиштата можат да претставуваат жаришта за размножување на комарци.
Во својата објава тој ја поврза ситуацијата со случаите на западнонилска треска, наведувајќи дека пет лица досега починале, и предупреди дека е можно состојбата да се влоши во текот на септември.
Пратеникот побара посериозна и навремена реакција од надлежните институции, наместо, како што наведува, фокусот да биде ставен на ПР и меѓусебни обвинувања.