Почетна ЕкономијаАндоновски: Дигиталниот самит ја позиционира Македонија на мапата на дигитално развиени држави

Андоновски: Дигиталниот самит ја позиционира Македонија на мапата на дигитално развиени држави

од nenad
1 минути читај за

Над 800 учесници од земјата, како и од други држави од регионот и Европа ќе бидат присутни на Дигиталниот самит кој ќе се одржи во Скопје на 1 и 2 октомври, во Музејот на современата уметност. Главни теми на овој настан ќе бидат сајбер-безбедноста и дигиталните услуги, а исто така ќе се дискутира и за вештачката интелигенција.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во своето гостување на Македонското радио, посочи дека годинава самитот е донекаде реорганизиран. Тој објасни дека, додека претходно бил наменет исклучиво за функционери и членови на владите, сега и граѓаните, бизнис секторот и универзитетите ќе имаат можност да присуствуваат и да ги слушнат говорниците кои се поканети на самитот.

„Главен интерес ќе ставиме на сајбер-безбедноста, три панели ќе бидат посветени на неа, затоа што имаше голем интерес и од учесниците и од панелистите.“

„Потоа, дигиталните услуги, ќе ја преставиме како што ветив македонската мобилна супер апликација, секако ќе разговараме за дигитален паричник, дигитален идентитет, интероперабилност, нови услуги, поврзување на институциите, иновации, вештачка интелигенција и итн“, рече министерот за дигитална трансформација, се вели во соопштението на Министерството за дигитална трансформација.

Во врска со промоцијата на настанот, Андоновски напомена дека сите панели и свеченото отворање, како и обраќањето на премиерот Христијан Мицкоски, ќе бидат дигитално пренесувани на социјалните мрежи.

„Сите заинтересирани кои нема да можат да бидат во можност да присуствуваат на настанот, ќе можат да го следат на социјалните медиуми, мислам дека ќе биде одличен настан“, заклучи Андоновски, се наведува во соопштението.

вг/вј/Фото: Министерство за дигитална трансформација
Извор: МИА