Почетна ЕкономијаАнгелов: Недостатоците во Дирекцијата за заштита и спасување ќе бидат отстранети

Ангелов: Недостатоците во Дирекцијата за заштита и спасување ќе бидат отстранети

од nenad
3 минути читај за

Дирекцијата за заштита и спасување веќе извесно време се наоѓа во тешка состојба. Освен недостатокот на пилоти, постојат и проблеми со одржувањето на Ер тракторите. Во моментот сè уште нема доволно потпишани договори со тимовите за итна интервенција, вклучувајќи ги и тимовите за гаснење пожари на отворен простор, истакна Стојанче Ангелов, новоименуваниот директор на Дирекцијата, на денешната прес-конференција.

Ангелов потенцираше дека во институцијата има дефицит на опрема, обука и физичка подготвеност. Тој додаде дека инспекцискиот надзор на противпожарната заштита е во исклучително лоша кондиција, дека фали голем број соодветно образовани и обучени инспектори, но и дека постојат сомневања околу валидноста на дозволите издадени од ДЗС.

„Во моментов во ДЗС работат само неколку специјалисти за ракување со неексплодирани нискоексплозивни средства, додека оние отстранетите и собрани се чуваат на несоодветен начин.”

Тој напомена дека постојат и други пропусти, за кои дополнително ќе информира. Сепак, посочи дека позитивно е што во ДЗС работат и соодветно образовани, искусни лица, но некои од нив се наоѓаат на позиции на кои не можат целосно да ги искористат своите капацитети.

„Заедно со оние кои ќе покажат амбиција ќе се обидеме да ги надминеме детектираните слабости со цел побрзо ставање на ДЗС во полна функција.”

„Како директор ќе можам детално одвнатре да ја разгледам институцијата и внимателно да го проучам човечкиот и техничкиот потенцијал, дополнително да ги детектирам и многубројните недостатоци и слабости кои ќе бидат целосно отстранети во новата институција која ќе ги обедини функциите на ЦУК и ДЗС во една институција на чие формирање се работи, и е дел од стратешката заложба на владата за формирање на современ и функционален систем за управување со кризи и заштита и спасување”, рече Ангелов.

Во однос на подготвеноста на институциите за претстојното лето, тој рече дека интензивно се работи на подготовка за полесно справување со претстојните предизвици.

„Во нашата држава нема ниту еден функционален Ер трактор, но јас сум оптимист дека набргу ќе ги имаме трите Ер трактори заедно со пилоти“, подвлече Ангелов.

Одговарајќи на новинарско прашање зошто досега се чекало за спојување на ДЗС и ЦУК во една, Ангелов истакна дека системот на управување со кризи е сеопфатен и дека вклучува повеќе институции и закони.

„Во Владата е формирана работна група која што работи на сериозна и целосна трансформација на целиот систем на управување со кризи кој што е многу поширок од овие две институции во кои се опфатени многу други институции. Во суштина има некаде околу 19 закони кои ја уредуваат материјата на менаџментот со кризи и заштита и спасување и цивилна заштита, така што е обемна постапка и е потребно повеќе време. Мојот фокус како нов директор на ДЗС е комплетно формирањето на нова институција која ќе ги обедини функциите на постоечките две институции, додека морам да укажам целиот систем е далеку погломазен затоа што летно време кога беснеат пожарите ние ги користиме хелихоптерите на армијата и полицијата, користиме сили на Национални шуми, доброволни противпожарни друштва и многу други, значи се работи за еден гломазен систем”, објасни тој.

Воедно, информираше дека денеска ја предал функцијата директор на ЦУК на Мухамед Аљи, кој доаѓа од редовите на Дирекцијата за заштита и спасување.

„Денеска ја предадов функцијата директор на ЦУК на Мухамед Аљи кој на оваа позиција доаѓа од редовите на Дирекцијата за заштита и спасување. Верувам дека за него ќе биде тешко да го следи моето работно темпо, но исто така верувам дека е подготвен да даде се од себе за побрзо да навлезе во спецификите на менаџментот. За заменик директор на ЦУК е именуван Трајче Јованоски кој работи таму безмалку од формирањето на ЦУК.”