Шампионот на Македонија, Еурофарм Пелистер утре го чека нов натпревар од Лигата на шампионите и тоа на гости против Висла Плоцк. Битолскиот состав во овој натпревар влегува мотивиран по бодот кој минатата недела го освои против Спортинг на домашен терен. Пред тоа реми „пелистерци“ беа во серија од четири порази сезонава.
„Одиме на гости кај екипа која е подобра и по пласманот на табелата во Лигата на шампионите. Висла има четири порази, минимални се но е одлична екипа што игра по шпански систем со многу репрезентативци. Пред неколку дена го победија и Киелца. Тие се далеку подобар тим отколку што покажаа во четирите натпревари досега.
Ова покажува дека ќе треба добро да се потрудиме и да се вратиме со бодови од Полска. Зад нас е позитивна недела, одигравме одличен натпревар во ЛШ и добар натпревар во првенството. Со позитивна атмосфера да продолжиме во ист стил“, изјави Ангеловски. Во овој момент Пелистер има еден бод и се наоѓа на шестата позиција во групата А, Висла и Фредерица се без бодови.