Белата куќа денес жестоко го критикуваше Амазон поради неговата намера на својата веб-страница да го покаже износот на давачките воведени од американскиот претседател Доналд Трамп покрај вкупната цена на артиклите.
“Тоа е непријателски и политички чин на Амазон.”
“Зошто Амазон не го направи истото кога администрацијата на Бајден предизвика најголем пораст на инфлацијата во последните 40 години?”, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролина Левит.
“Ова е уште една причина зошто Американците треба да купуваат американско”, додаде таа.
По нејзините коментари, акциите на Амазон, онлајн трговскиот колос основан од Џеф Безос, паднаа за над два проценти во претпазарното тргување.
Безос, еден од најимотните луѓе во светот, е исто така сопственик на весникот „Вашингтон пост“, а исто така е познат по тоа што беше меѓу гостите на инаугурацијата на Доналд Трамп во 2017 година, но подоцна имаше бројни несогласувања со администрацијата на Трамп во врска со различни политички прашања.
Амазон досега не ги коментираше забелешките на Белата куќа.
Администрацијата на Трамп одговори на медиумски извештај, според кој Амазон планира јасно да им покаже на купувачите колку влијаат давачките на цената на одреден производ. Според луѓе запознаени со планот, тој износ ќе биде претставен веднаш до вкупната цена на производот.
На прес-конференција, еден новинар ги праша Левит и американскиот министер за финансии Скот Бесент дали се согласуваат дека потегот на Амазон јасно покажува дека давачките не ги плаќа Кина, туку американските потрошувачи, на што Левит рече дека “само што разговарала со претседателот за објавата на Амазон.”
Амазон не е првиот трговец кој им укажува на клиентите за ефектот на новите давачки врз цените. Кинеските брендови за брза мода „Шеин“ и „Тему“ исто така воведоа значителни дополнителни трошоци во последните денови. “Тему”, на пример, сега јасно прикажува “увозна такса” при пресметувањето на вкупната цена, која за одредени артикли може да изнесува и околу 145 проценти.
Американскиот претседател Доналд Трамп на 2 април, на денот што го нарече “Ден на ослободувањето” (Liberation Day), го најави најобемниот пакет давачки во модерната американска историја. Во рамките на таа иницијатива беше воведена универзална давачка од 10 проценти на речиси сите увозни артикли, додека за одредени земји, како Кина, давачките достигнаа и до 145 проценти.
Трамп ги претстави овие мерки како “економска декларација за независност”, тврдејќи дека тие ќе ја ревитализираат американската индустрија и ќе ги исправат долгогодишните трговски неправди. Сепак, давачките на Трамп предизвикаа бран критики и загриженост. Економистите предупредуваат на можно зголемување на инфлацијата и ризик од рецесија, додека меѓународните партнери, вклучувајќи ја Европската Унија и Кина, најавија противмерки. Многу американски компании, соочени со зголемени трошоци за увоз, веќе најавија поскапувања на своите производи, што дополнително ги оптоварува американските потрошувачи.
јт/Фото: ЕПА.
Извор: МИА