Почетна ЕкономијаАвстралија го критикува Израел поради укинување визи за австралиските дипломати

Австралија го критикува Израел поради укинување визи за австралиските дипломати

од nenad
2 минути читај за

Австралиското Министерство за надворешни работи денес остро ја критикуваше одлуката на израелските власти да го укинат издавањето на визи за австралиски дипломати, опишувајќи ја како “неоправдана реакција” на одлуката на Австралија да ја признае палестинската држава.

Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Сар, изјави дека мерката доаѓа како резултат на “неоправданото одбивање” на Австралија да издаде визи за израелски поединци.

Сар го спомена случајот со пратеникот од екстремната десница, Симха Ротман, кој требало да одржи предавања во Австралија, но неговата виза била откажана во понеделникот. Австралиските власти веруваат дека овој пратеник “шири пораки на омраза и поделба”.

Израелскиот министер исто така ѝ наложи на амбасадата во Канбера внимателно да ги разгледува сите службени барања за визи од Австралија за влез во Израел. Засега е непознато колку австралиски дипломати се засегнати од оваа мерка.

Австралиската министерка за надворешни работи, Пени Вонг, оцени дека одлуката на Израел е неоснована. “Во време кога дијалогот и дипломатијата се попотребни од кога било, владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху го изолира Израел и ги поткопува меѓународните напори за мир и решение за две држави”, изјави таа.

Израел го има окупирано Западниот Брег од 1967 година, палестинска територија каде што се наоѓа Палестинската управа предводена од Махмуд Абас. Австралија минатата недела објави дека планира да ја признае палестинската држава на Генералното собрание на ОН во септември, следејќи го примерот на земји како Франција и Канада.

Овие држави го поддржуваат решението за две држави за повеќедеценискиот израелско-палестински конфликт и го повикуваат Израел да ја запре својата деструктивна офанзива во Појасот Газа, започната како одговор на нападот на палестинското исламистичко движење Хамас на израелска територија на 7 октомври 2023 година.

Израел, кој исто така го окупира Источен Ерусалим од 1967 година, отфрла можност за формирање на палестинска држава и наведува дека планира да ја продолжи војната со цел да го елиминира Хамас и да воспостави безбедносна контрола над Појасот Газа.
ссм/фото: архива .
Извор: МИА