Дали знаевте дека вежбањето е една од клучните компоненти за здрав тен? Еве што велат најновите научни истражувања…
Кожата е нашиот најголем орган. Зошто тогаш не ни текнало досега дека умереното вежбање, исто како што ги одржува во топ-форма другите органи, на пример срцето, ја чува и нашата кожа од стареење и од други оштетувања?
А токму тоа се случува. Кога за време на тренингот ќе се забрза ритамот на срцето, мускулите го испуштаат повеќе протеинот IL-15, кој ги придвижува митохондриите и го подмладува нивното функционирање – што придонесува кожата на микроскопско ниво да изгледа дури 25 години помладо, открива студија на канадскиот универзитет „Мекмастер“.
Истовремено, вежбањето му помага на нашиот организам во контролирањето на шеќерот во крвта и на оксидативниот стрес, намалувајќи ги крајните продукти на гликацијата, кои се главни виновници за стареење на кожата и за пропаѓање на важниот протеин колаген. Кој би помислил дека капките пот всушност се корисни за кожата?!
ТРЕНИНГОТ ОБНОВУВА!
Вежбањето со отпор предизвикува микрооштетувања во мускулите – што е катализатор за нивно воспалување по тренингот, а наедно ги поттикнува мускулните влакна да се обноват и да бидат посилни. Што се однесува до кожата, студиите покажуваат дека вежбањето, без разлика дали е со тегови или е кардио-тренинг, помага, ослободувајќи антивоспалителни протеини, кои ги неутрализираат воспалителните процеси во организмот, истовремено намалувајќи го нивото на стрес-хормоните во организмот.
Воспалението е една од главните причини за стареење на кожата, така што супстанциите што се борат против него го заштитуваат колагенот и помагаат да се забави појавата на знаците на стареење.
Од друга страна, познато е дека воспаленијата и стресот предизвикуваат појава на акни и егземи, загрозувајќи ја бариерата на кожата и правејќи ја сува и осетлива. А во случај на изгореница или на исип, физичката активност го регулира воспалителниот одговор на кожата, така што почетната, црвена, воспалителна фаза трае пократко.
Поврзани објави
Студијата на Универзитетот во Охајо, на пример, истакна дека раните на кожата поминувале во просек девет дена побрзо кај испитаниците што редовно вежбале во споредба со оние што не биле активни.
ПОДОБРА ЦИРКУЛАЦИЈА!
Вежбањето ја поттикнува циркулацијата во целиот организам, вклучувајќи ја и кожата, се разбира. На тој начин се шират крвните садови, што придонесува за подобра исхрана на клетките и снабденост со кислород. Генерално, врз основа на изгледот може да се заклучи каква е здравствената состојба на конкретното лице. За беспрекорен тен во голема мера е заслужна добрата циркулација.
Покрај тоа, добрата циркулација помага и во отстранувањето на слободните радикали и на клеточните нуспродукти од клетките. Значи, тренирајте што сакате, но доволно интензивно за да го забрзате срцевиот ритам.
ПОТТА ПРЕДИЗВИКУВА АКНИ?
Кога се потиме, порите се отвораат и се ослободуваат нечистотии. Исто така, и потта игра важна улога во имунолошкиот систем: го содржи антимикробниот пептид дермцидин, кој дејствува како прва одбрана од штетните бактерии (како што се ешерихија коли и стафилокока), кои се задржуваат на површината на кожата, чекајќи да навлезат внатре. Сепак, по тренингот секогаш добро исчистете го лицето и истуширајте се.
Иако потта не предизвикува акни, ако не ја измиете потта, бактериите и квасните габи што се на кожата почнуваат да ферментираат, а тоа ги затнува порите, ја иритира кожата и предизвикува мозолчиња. Ако вежбате на отворено, избегнувајте ги оштетувањата од сончевите зраци – задолжителен е производ со заштитен фактор!
Текст: Убавина и здравје