Почетна Македонија ЦЕЛА ПУБЛИКА НА НОЗЕ НА „ПАЈДУШКО“ НА ФАНТАСТИЧНОТ КОНЦЕРТ НА ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ И МИРОСЛАВ ТАДИЌ ВО СКОПЈЕ

ЦЕЛА ПУБЛИКА НА НОЗЕ НА „ПАЈДУШКО“ НА ФАНТАСТИЧНОТ КОНЦЕРТ НА ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ И МИРОСЛАВ ТАДИЌ ВО СКОПЈЕ

од nenad
3 минути читај за

Целата публика во Филхармонијата сношти (1 јуни) беше на нозе откако Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ го отсвиреа „Пајдушко“, во гитарска верзија.

20 години откако е издаден албумот „Трета мајка“ на македонскиот и на босанскиот гитарист кој живее во Лос Анџелес со преработки на македонски народни песни, „Авалон“ се сети да го реиздаде на винил. Оттаму повод за фантастичниот концерт сношти, и оној што следува вечерва (2 јуни) во истата сала, во организација на „Авалон’.

   

Неговата љубов кон македонскиот фолклор, традицијата и културно наследство Влатко Стефановски никогаш со зборови не ја наметнувал во јавноста. „Трета мајка“ со најубавите „Елено ќерко“, „Јовано Јованке“, „Калеш Анѓо“ “Македонско девојче“ и други е издадена пред 20 години, пред да ни се случи хиперпродукцијата на преработка на народни и патриотски песни. Љубовта кон оваа музика, тој ја има во своите прсти, во изведбата, во емоциите кои ги покажа сношти на сцената заедно со неговиот пријател.

Тадиќ е колекционер на плочи од македонски народни песни и има многу синглови на винил од Васка Илиева, од Сариевски, од Бадев, рече Стефановски (Фото: К. Попов)

„Сум ги потрошил сите епитети за Мирослав Тадиќ во медиумите низ годиниве. Но, тој е тотален гитарист, а што значи тоа? Освен што си купува ‘Гибсон’ и ‘Фендер’ гитари и појачала и има колекција на рокенрол музика, тој е образован музичар и шеф на катедрата по гитара на Универзитетот за уметност во Калифорнија. И тоа не е сѐ. Тој самиот си ја има направено оваа гитара на која свири сега, а и мене ми има подaрeно една која ја изработи. Мала е , таман за во авион. Сигурно е голема возбуда за него да прелета 7.000 километри за да свири во ова прекрасно здание. Возбуда е и за мене што свирам во Скопје, и што по овој концерт можам да се одвозам дома“, рече Стефановски.

Гитаристите кои низ светот заедно ја имаат свирено „Трета мајка“, албумот кој освен со музиката и со насoлвот добро нѐ опишува како народ, заедно го имаат снимено и албумот „Крушево“. Стефановски најави дека ќе снимат уште еден, во скоро време.

Фото: К. Попов

Убавината на концертот, освен нивната виртузност за која не треба многу коментари е и уживањето кое е видливо додека се заедно на сцена. Тоа како со насмевка и со поглед се разбираат, се почитуваат еден со друг, а најмногу публиката. „Тадиќ е колекционер на плочи од македонски народни песни и има многу синглови на винил од Васка Илиева, од Сариевски, од Бадев“, рече Стефановски претходно на прес конференција.Токму таа почит кон нашата традиција, гостинот од Лос Анџелес на најдобар можен начин, заедно со домаќинот ја покажа на концертот без да каже еден збор. Пред бисот и стоечките овации, Влатко Стефановски рече дека е привилегија да се свири пред таква публика, и беше во право.

М. ЏАРОВСКА(Фото: К. Попов)

ДОБРО УТРО е дневен информативен портал. Информациите се од секојдневни !

Дизајн GLOBAL NET. Хостирано од MAX HOSTING