Собраниска делегација, од 26 до 28 ноември 2024 година, во организација на Фондацијата за демократија на Вестминстер, беше во работна посета на Државниот збор на Република Словенија. Посетата беше фокусирана на работата на Клубот на млади пратеници од Словенечкиот парламент, соработката на Клубот со комисии кои покриваат младински прашања и политики, како и поддршката што Клубот ја добива од Парламентот.
Собраниската делегација беше предводена од пратеничката Драгана Бојковска – координаторка на Клубот за младински прашања и политики, а составена од пратениците: Моника Зајкова, Калтрина Беќири и Сергеј Попов од Клубот за младински прашања и политики; Илире Даути и Ангелинка Петкова од Комисијата за социјална политика, демографија и млади; Иванка Василевска од Комисијата за образование, наука и спорт и двајца собраниски службеника. Делегацијата оствари средба со претседателот и членовите на Комисијата за образование, наука и млади, со претседавачот и членовите на Клубот на млади пратеници, како и со генералната секретарка на Словенечкото собрание.
Средбата со Комисијата за образование, наука и млади беше фокусирана на работата во областа на младинските прашања и политики, при што од страна на словенечките пратеници беа посочени законските прописи кои ги засегнуваат младите од претшколска возраст сѐ до високо образование и образование на возрасни, како и низа мерки коишто се преземаат за обезбедување подобар живот на младата популација. Претставниците од Клубот на млади пратеници го споделија нивното искуство околу начинот на кој вршат консултирање и вклучување на младите во креирањето и носење на одлуки. Тие го објаснија процесот на соработката со младинските организации со цел донесување законски решенија во најдобар интерес на младите.
Во рамки на студиската посета беше остварена средба со Младинскиот совет на Словенија, при што беа презентирани нивните активности, соработката со локалната самоуправа и со Клубот на млади пратеници, а ги објаснија и законските одредби кои го уредуваат функционирањето на младинските организации. Собраниската делегација оствари средба и со Студентската организација на македонски студенти во Словенија кои дадоа информации околу студентскиот стандард во Словенија, состојбата со домувањето, добрите практики во областа на студентското организирање, можноста за студентска работа, како и мотивите за евентуално враќање во земјата. Посетата е организирана со поддршка на Фондацијата за демократија на Вестминстер преку проектот „Практикувај демократија“ финансиран од Британската амбасада во Скопје.