Почетна Македонија (Фото) Гаши и пишал на Најчевска, таа ја сподели пораката и јавно го испокара: Не се сеќавам!

(Фото) Гаши и пишал на Најчевска, таа ја сподели пораката и јавно го испокара: Не се сеќавам!

од nenad
4 минути читај за

Професорката по право Мирјана Најчевска сподели порака која ја добила од собранискиот спикер, Африм Гаши. Тој и се претставил како нејзин поранешен студент и укажал дека сака телефонски да исконтактира со неа. Таа возврати дека не се сеќава на него како студент, бидејќи се сеќава само на тие кои и оставиле впечаток. Според неа, Гаши не ја заслужува спикерската позиција во Собрание.„Оваа порака ја добив на WhatsApp од политичарот Африм Гаши: “Pozdrav pocituvana profesorke, Jas sum Afrim Gashi vas student. Procitajte go ovo tekst na Derala i potoa ako sakate mozeme da se slusneme. Inaku sum bil vas student, mozete da se rasprasate za mene vo ISPPI kakov student sum bil zatoa sto ocigledno ste me zaboravile. Jas seuste imam golema pocit kon vas i ne sakam da ve gledam na vakvo nisko nivo vo koe ste podpadnale. Sekoe dobro“.

   

Бидејќи од секогаш сум била против тајни разговори еве јас јавно ќе одговорам на политичарот Африм Гаши. Не се сеќавам на него како студент. Јас се сеќавам само на исклучително добрите студенти кои ми оставиле впечаток. Како прво, со оглед на тоа дека политичарот Африм Гаши не пружи ниту еден против аргумент со кој ќе објасни зошто смета дека е соодветен за дадената позиција и покрај апсолутно пасивниот однос во Собранието во изминатиот мандат, јас останувам на секој збор кој сум го кажала во врска со изборот на Африм Гаши за претседател на Собранието. Според податоците со кои располагам (а кои ги има и на официјалната страна на Собранието на Македонија) тој со ниту една своја досегашна активност во Собранието и надвор од него не се покажал како човек кој ја заслужува оваа позиција и кој има капацитет да ја извршува.

Во врска со изјавата за неговиот однос со Косово, сметам дека таа не би имала посебно значење доколку не е дадена токму од новата позиција на претседател на Собранието на Македонија. Доколку не е дадена од човек кој завзема клучна позиција во власта, таа би била само дел од општиот податок дека големо мнозинство од етничките Албанци во Македонија се идентификуваат со Косово а не со Македонија.Меѓутоа дадена од позиција на претседател на Собранието на Македонија таа добива многу поинаква тежина. Уште повеќе што не станува збор за изолирано делување и/или однесување. Оваа изјава треба да се стави во контекстот на досегашното делување на господинот Африм Гаши кој од позиција на претседател на Алтернатива врската со Косово ја издигнува на многу високо ниво, а Македонија, граѓаните на Македонија, интересите на граѓаните на Македонија (посебно на етничките Македонци како мнозинско население) едноставно ги нема.

Посетата на Албин Курти (премиерот на Косово) на настаните организирани од страна на Алтернатива под претседателство на политичарот Африм Гаши не е единствена прилика кога политичарот Африм Гаши јасно покажува дека не е спремен да ја прифати Македонија како држава со која се идентификува. Како дел од настаните на Алтернатива и како претседател на Алтернатива тој промовира и поддржува единствено етно-национално идентификување во кое нема место за Македонија. Од фотографиите кои се поврзани со неговото партиско делување очигледно нема ни М од Македонија. А токму како претставник на оваа партија Африм Гаши е поставен за претседател на Собранието на Македонија.

Само како пример од интернет страната на Алтернатива (https://alternativa.org.mk/kryetari/) – види фотографии подоле.
Значи, воопшто не е случајно што политичарот Африм Гаши манифестира посебен однос кон Косово (не како кон соседна држава туку како држава која ја смета за татковина), и јас сум уверена дека во ситуација на конфликт на интересите меѓу Македонија и Косово, политичарот Африм Гаши ќе застане на страната на Косово.
Своето непочитување кон мнозинското население чии интереси треба да ги застапува на исклучително високата позиција која што ја има го покажа и со актот на изговарање на заклетвата пред Собранието прво на Албански, а потоа на Македонски јазик (што само по себе значи прекршување на законите).

Што се донесува до текстот на Џабир Дерала на кој ме упатува политичарот Африм Гаши (https://civilmedia.mk/gashi-da-se-izvini/), јас одамна престанав да обрнувам внимание на неговите писанија, кои не надминуваат симплифицирано еднострано етно гледање на работите.
Да резимирам:
– во моментот кога на Македонија и требаат најквалитетните луѓе кои ќе можат да ја извлечат од дупката во која шлајфа со децении, на чело на највисокото законодавно тело доаѓа човек кој бил пасивен, не учествувал во основната работа на Собранието и со ништо во својата досегашна работа не придонел за развој на државата.
– во моментот кога на Македонија и е потребно да излезе од стапицата на етно диференцирање и да влезе во просторот на граѓанското, на чело на Собранието доаѓа човек кој целата кариера ја изградил токму на етно диференцирање и кој од првиот момент покажува дека тоа му е приоритет.

ДОБРО УТРО е дневен информативен портал. Информациите се од секојдневни !

Дизајн GLOBAL NET. Хостирано од MAX HOSTING