Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Хрватска оствари средба со хрватската амбасадорка Нивес Тигањ. Претседателката на Пратеничката група, Благица Ласовска, истакна дека Хрватска е искрен пријател, без отворени прашања. Соработката и размената на искуства меѓу овие Групи може да придонесе за унапредување на ефикасноста на законодавната власт, но и на севкупните односи меѓу двете земји.
Таа се заблагодари за поддршката што Хрватска континуирано ни ја дава во евроинтегративниот процес, a хрватските искуства на тој пат се значајни за нашата земја и се од помош во спроведувањето на реформите и усогласувањето со законодавството на ЕУ. И покрај предизвиците, како држава остануваме посветени на Берлинскиот процес, бидејќи основата на соработката го става помирувањето на земјите во Регионот и оставање на минатото во историјата, каде што и реално припаѓа.
Амбасадорката Тигањ ја нагласи интензивната комуникација, континуирана поддршка и вложените напори од Хрватска на нашиот европскиот пат. Во тој контекст, се надева на што поскоро решавање на спорот со Бугарија, носење реформски закони, структурни промени, сѐ со цел отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ, кое носи многу бенефити за добробит на граѓаните.
Присутните беа согласни дека во идниот период треба да се интензивира меѓупарламентарната соработка преку Групите за соработка, со заемни посети, но и средби на високо ниво. Исто така има потенцијал за зголемување на соработката во повеќе сфери, како здравство, образование, туризам, агрокултура, бизнис, во насока на што поголема видливост на Хрватска на овие простори.
Четврток, 19 септември 2024