Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска се сретна со новата амбасадорка на Кралството Холандија во Република Северна Македонија, Узлем Џенел. Соговорниците разговараа за досегашната соработка, изразувајќи добра волја за нејзино продолжување и интензивирање. Притоа претседателот Гаши и во оваа прилика се заблагодари за силната поддршка од Холандија за спроведување на реформите, пред се во сферата на владеењето на правото, а во насока на остварување на стратегиската цел на земјава за полноправно членство во Европската Унија.
Претседателот Гаши истакна дека Северна Македонија останува силно посветена на европската агенда, потенцирајќи дека на тој пат е бесценета поддршката од нашите партнери, вклучително со Холандија, како поддржувач на процесот на проширување за земјите кои ги исполнуваат условите. На средбата беа разменети и мислења за можностите за продлабочување на парламентарната соработка меѓу двете земји, за конституирање на Советот за граѓански надзор и за потребата од јакнење на политичкиот дијалог во законодавниот дом. Претседателот Гаши се осврна и на соработката со Холандија во рамки на НАТО и во други меѓународни организации.