Почетна Македонија УЈП: Регистрирана првата странска компанија за целите на ДДВ преку даночен застапник

УЈП: Регистрирана првата странска компанија за целите на ДДВ преку даночен застапник

од nenad
3 минути читај за




Управата за јавни приходи(УЈП) денес преку даночен застапник ја регистрира првата странска компанија која нема свое седиште, подружница или претставништо, а врши промет на добра и услуги кои се предмет на оданочување со ДДВ во земјата. Во согласност со последните  измени на Законот за данок на додадена вредност, странските лица кои имаат обврска да се регистрираат за цели на ДДВ во земјата, се обврзани да назначат даночен застапник.

   

Овој даночен застапник ќе биде овластен застапник пред даночниот орган и во име и сметка на странската компанија  ќе го пресметува данокот, ќе поднесува даночна пријава, ќе го плаќа данокот односно камата во случај на задоцнето плаќање на данокот и ќе води сметководствена евиденција. Согласно Законот за ДДВ, даночниот застапник исто така солидарно ќе гарантира за данокот на додадена вредност кој го должи странското лице регистрирано за цели на ДДВ. Во оваа насока беше и состанокот кој Директорката на Управата за јавни приходи,  Елена Петрова, го одржа вчера (04 јули ) со потенцијални даночни застапници на тема имплементација на членот 9-б од Законот за данокот на додадена вредност (даночен застапник за целите на данокот на додадена вредност).

Директорката и потенцијалните даночни застапници  заедно со претставници од Управата за јавни приходи и Министерството за финансии разговараа за отворените прашања и за административните чекори во регистрирањето странски лица како ДДВ обврзници и исполнување на нивните обврски за плаќање ДДВ во земјата.  Директорката Петрова укажа дека Управата за јавни приходи ќе обезбеди непречено одвивање на процесот на регистрирање  и оптимизирање на истиот со цел обезбедување на правна сигурност како за странските лица така и за даночните застапници во земјата. На овој начин како што појасни Петрова, ќе се превенираат потенцијални случаи на даночни прекршоци, правилно спроведување нa законите и регулативите, што пак од друга страна ќе резултираат со подобро управување на фискалните ресурси, создавање на фер третман на сите учесници на пазарот.

На состанокот сите се согласија дека е најважно што побргу да започне регистрацијата и собирањето на ДДВ од странските лица кои вршат промет на добра и услуги во земјата, бидејќи со истото се обезбедува и правичност кон домашните даночни обврзници, како и полнење на буџетот со дополнителни приходи од ДДВ. Во оваа насока, УЈП во следните неколку денови ќе започне со комуникација со странските даночни обврзници кои вршат промет во земјата и треба да се регистрираат за ДДВ преку даночни застапници.



ДОБРО УТРО е дневен информативен портал. Информациите се од секојдневни !

Дизајн GLOBAL NET. Хостирано од MAX HOSTING