Условите во затворот „Идризово“ и натаму се ужасни за стотици затвореници. Претседателот на Европскиот комитет за спречување на тортура и нехумано или понижувачко постапување или казнување (КПТ), Алан Мичел вели дека допрва треба да се решат прашањата нагласени во Извештајот на КПТ по посетата во октомври 2023 година во врска со овој и другите затвори во земјата, како што се недостигот на персонал, корупцијата, отсуството на какви било целни активности, лошата здравствена заштита и насилство.
Ова било констатирано на средбата на премиерот Христијан Мицкоски со Мичел и заменик-гувернерот на Банката за развој на Советот на Европа (ЦЕБ), Томаш Бочек, соопштија од Советот на Европа. Според Советот на Европа, ваквите состојби во затворот не се нови предизвици, туку се показател за „неуспешен затворски систем кој сè уште не инвестирал во професионален пристап на управување“.