Почетна Македонија Трчај бе: Како една трка стана полигон за креативци и визија за новите генерации дизајнери

Трчај бе: Како една трка стана полигон за креативци и визија за новите генерации дизајнери

од nenad
10 минути читај за

Кога започнавме со ТРЧАЈ БЕ никој не помислуваше дека ќе завршиме со креативни експлозии на секој агол од Битола. Еден момент сме на сред неделно планирање, а веќе во следниот – дискутираме дали на следниот дизајн треба да има патики со крила или некоја неочекувана порака од вселената. Во светот на маркетингот, кога се работи со Мартин Цветановски, никогаш не знаеш што следува, но знаеш дека ќе биде оригинално. Тој е човекот зад Monday – маркетинг агенцијата што ги донесе најкреативните решенија за ТРЧАЈ БЕ, но и тренинг центарот за дигитални вештини Monday Learning кој ги обликува новите генерации графички дизајнери преку работа на реални проекти како ТРЧАЈ БЕ. А јас, веќе 5 години работам со Мартин и го носам ветерот на приказната преку зборови и визуали на трката која стана платформа за младите креативци.

Новинар- Љубица Ангелкова

Мартин, како што кажав во воведот, зад нас се 5 години успешна соработка на „Трчај бе“. А трката годинава слави 6-ка. Како гледаш на тоа од денешна перспектива? Како сте роди тој наш клик?

Навистина не можам да верувам дека поминаа 5 години! Од самиот почеток, „Трчај бе“ беше повеќе од трка – тоа беше простор каде што младите креативци можеа да ја изразат својата креативност. А ти, Бубе, како иницијатор на концептот ова да не биде уште една трка во Македонија, одлично ја разбираше важноста на комбинирањето на спортот и креативноста. Од првиот ден, знаевме дека „Трчај бе“ ќе биде настан кој ќе инспирира и поттикнува нови идеи. А кликот, односно искрата? Па, таа доаѓа од фактот што никогаш ни ти ни јас, не сме играле „по правилата“. Секој пат кога ќе седнеме да осмислиме нова кампања, едно од нашите правила е дека “нема правила”. Овозможена ни е креативна слобода, и токму таа слобода ги носи најоригиналните идеи на површина.

Да се вратиме на почетокот – една година пред твоето доаѓање во тимот. Тогаш Ангела Христовска ја започна приказната за автентичниот дизајн на трката. Како го доживуваш нејзиното влијание?

Ангела од Eyecone media беше клучна фигура во првата година. Таа го постави темелот за тоа што денеска го сметаме за автентичниот визуелен идентитет на трката. Нејзиниот пристап беше уникатен – ги спои традиционалното и современото и создаде дизајн кој секогаш ќе биде препознатлив. Таа многу често велеше дека трката е нејзино „бебе“, а тоа што го започна таа всушност беше инспирацијата и главната идеја за вклучување на младите дизајнери одт ренинг програмата за графички дизајн на Monday Learning.

Како оттаму ја развивме идејата да ја претвориме трката во платформа за млади дизајнери, би било згодно да се објасне на читателите на Иновативност?

Веќе првата година видовме колку креативност има околу нас. Оттука дојде и идејата да ги споиме „Трчај бе“ и Monday Learning и на некој начин да создадеме креативна платформа каде што новите дизајнери ќе можат вистински да експериментираат и да создаваат, а „Трчај бе“ беше совршената прилика за тоа. Новите групи графички дизајнери работеа на визуелниот идентитет на трката, организиравме изложби со нивните дела, и така тренинг програмата доби на значење. Таа стана полигон за новите генерации, каде што можат да учат, но и да се изразат креативно. Во реален проект кој навистина ќе има импакт на многумина. Како дигитална агенција и тренинг центар за креативни вештини секогаш бараме начини да обучиме нови таленти и да ги охрабриме младите да експериментираат. „Трчај бе“ ни овозможи да ги вклучиме младите дизајнери, да им дадеме вистинска слобода да креираат. Не само што ги поддржуваме нивните идеи, туку и ги изложуваме нивните дела пред широка публика на одлично организирани изложби.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Слоганите и креативите што ги креираме за трката секоја година се посебни, за нив се зборува, а има и обиди да не копираат. Кај лежи тајната на успехот на овие кампањи?

Клучот е во експериментирањето и слободата. Како што еднаш кажа еден дизајнер, „експериментот е неопходен за да се истакнеш“. Тоа е начинот на кој пристапуваме кон секоја кампања и ги охрабруваме и нашите студенти да го следат овој пример – не се плашиме да пробаме нови идеи, да ги поместиме границите на она што се смета за традиционално во графичкиот дизајн, а ти како PR и неверојатен storyteller ја имаш моќта и да инспирираш и да бидеш медијатор на целиот тој процес на кој се работи многу месеци. На пример, слоганите за „Трчај бе“ секогаш се предизвик за нашите тимови. Но, на крајот, тие го отсликуваат духот на настанот и целата заедница.

Со Monday Learning тренинг програмата за графички дизајн вие не само што обучувате млади дизајнери, туку создавате нова генерација на професионалци. Кои се клучните вештини што ги пренесувате на вашите студенти?

Една од најважните вештини е критичкото размислување – способноста да се анализираат и да се разберат потребите на клиентите и публиката. Но, покрај тоа, главно ги обучуваме за напредните технички вештини како познавање на софтвер, креирање визуелни идентитети и работа на проекти. Важно е и да ги научиме младите дизајнери да експериментираат, бидејќи креативноста и иновацијата се клучни за успехот.

Како е да водиш сопствена дигитална агенција во денешни услови? Кои се предизвиците и што најмногу те инспирира во таа работа?

Водењето на агенција за дигитален маркетинг е огромен предизвик, денес… зошто факт е дека експерти во оваа област има многу. Има и доста агенции. Така што пазарот е богат со ваква понуда. За мене, во мојот свет останува макисмата за  креативна слобода и таа ме води. Најголемиот предизвик е тоа што се мора да биде многу брзо – денешниот дигитален свет бара брзи реакции, но и внимателно планирање. Ме инспирираат младите таленти со кои имам шанса да работам и да ги водам низ процесот на креирање. Нивните свежи идеи и пристап кон работата ме потсетуваат колку е важно постојано да се учи.

Во денешниот брз дигитален свет, креативноста често се гледа како најголемата разлика меѓу успешните и неуспешните кампањи. Колку е важно да се експериментира во твојата работа?

Експериментирањето е клучно за успех во маркетингот и дизајнот. Ако не се обидеш со нови идеи, нема да знаеш што функционира. Во Monday и Monday Learning експериментирањето е дел од нашата култура. Мораш да си подготвен да ризикуваш и да пробаш нешто што можеби нема веднаш да успее, но долгогодишните резултати се тие што ја покажуваат вистинската вредност.

Како гледаш на трендовите во графичкиот дизајн денес? Што се случува во оваа индустрија што треба да го имаме предвид, особено кога работиме на проекти како „Трчај бе“?

Трендовите во графичкиот дизајн се секогаш во движење, а особено сега со огромниот подем на вештачката интелигенција претрпуваат големи промени. Моментално, минимализмот и типографијата се на врвот, но она што најмногу доминира е потребата за персонализирани и емотивни визуелни приказни. За проекти како „Трчај бе“, тоа значи дека секој дизајн треба да комуницира не само визуелно, туку и емотивно со публиката. Луѓето денес бараат приказни, а нашата работа како дизајнери е да ги раскажеме на вистинскиот начин.

Како одржуваш баланс помеѓу уметничката слобода и задоволството на клиентите?

Балансирањето помеѓу уметничката слобода и задоволството на клиентите е деликатен процес. Најважно е да го разбереш клиентот, но и да му објасниш дека добриот дизајн е повеќе од само нешто убаво. Ние се трудиме да им покажеме на клиентите дека креативноста носи додадена вредност на нивниот бренд. Кога тие го разберат тоа, просторот за креативност се отвора сам по себе.

А што е со дигиталните медиуми? Како тие ги трансформираат начинот на кој работиме во графичкиот дизајн?

Дигиталните медиуми овозможуваат постојано експериментирање и итеракција. Денес, дизајнерите не работат само за печатени материјали – нивната работа главно може да биде видена на дигитални платформи, веднаш достапна до широка публика. Дигиталните медиуми го трансформираат начинот на кој дизајнираме и ги добиваме повратните информации. Секој дизајн сега може брзо да биде тестиран и приспособен, што овозможува пофлексибилен процес.

Што е следно за Monday и за Monday Learning тренинг центарот? Како ја гледаш иднината на твојата агенција?

За Monday, следат поголеми проекти во областа на UX/UI дизајнот и работа со интернационални клиенти во делот на маркетинг кампањи и визуелен идентитет. Што се однесува до тренинг програмата, сакаме да ја направиме достапна за уште повеќе млади луѓе и да понудиме поголем избор на тренинг програми освен графички дизајн и дигитален маркетинг. Иднината е во дигиталниот свет, и ние сме подготвени да бидеме на чело на таа промена.

Што би им порачал на младите кои сакаат да се занимаваат со графички дизајн или дигитален маркетинг?

Никогаш да не се плашат да експериментираат и да бидат оригинални. Креативноста не познава граници, а дигиталниот маркетинг и графичкиот дизајн се места каде што секојдневно се бараат нови и свежи идеи. Но, мора и да учат. Ова не е само талент. Ова е веќе наука и бара посветеност. Учењето не завршува со завршувањето на образованието, туку е континуиран процес. Светот на дизајнот и маркетингот е динамичен и постојано се менува, и токму тоа го прави толку возбудлив. И најважно од сè – страста е она што ги носи напред.

Уписите за тренинг програмата за графички дизајн во Monday Learning се веќе во тек и радува што гледаме сè повеќе млади таленти кои сакаат да се развиваат и да учат. Токму тие ќе ја одредат иднината на оваа индустрија, а нашата цел е да им овозможиме простор да растат и да експериментираат.

ДОБРО УТРО е дневен информативен портал. Информациите се од секојдневни !

Дизајн GLOBAL NET. Хостирано од MAX HOSTING