Српските опозициски пратеници и градски советници утрово повторно ја блокираа зградата на судот и обвинителството во Нови Сад, информира српски „Н1“. Оградени се скалите на судот, а полицијата направи премин каде што со помош на судската полиција можат да поминат вработените во зградата.
Пратеникот на Демократската партија, Срѓан Миливојевиќ, кој учествува во блокадите на судот во Нови Сад, стави лисици на оградата на влезот во судот, посочувајќи во изјава за медиумите дека тој не го сторил тоа, туку дека тоа веќе го направил Александар Вучиќ. Градскиот советник од движењето „Браво“, Миран Погачар, посочи дека нема да се откажат од барањата да се ослободат уапсените на протестите. Опозицијата најави дека во рок од 24 часа ќе бара оставка од министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ доколку не ги објави резултатите од работата на Секторот за внатрешна контрола.