По речиси две децении планирање и изградба, во недела на 1 декември во Солун официјално ќе биде отворена првата линија на метрото, која ќе ја воведе северна Грција во нова ера на транспортна инфраструктура. Изградбата на солунското метро беше придружена со бројни предизвици, од откривање на вредни археолошки локалитети до финансиски тешкотии, што резултираше со повеќекратно одложување и продолжување на роковите. Но, и покрај пречките, метрото сега е подготвено да го промени секојдневниот живот на жителите и да го олесни движењето на многубројните туристи кои го посетуваат градот.
Солунското метро се рангира меѓу најсовремените метро системи во Европа, користи најсовремени технологии и е изградено со високи стандарди за квалитет и безбедност, пренесува grčka.info. Со должина од 9,6 километри и 13 станици, првата линија на метро се очекува да превезува околу 254.000 патници дневно. Патувањето низ целата траса ќе трае само 17 минути, додека 18 воза без машиновозачи ќе тргнуваат на секои 2 и пол минути за време на шпицот на сообраќајот, што значително ќе го намали метежот и ќе овозможи побрз и поефикасен превоз низ градот.
Цената на билетот за метро во првите шест месеци ќе биде 60 центи, а децата до 6 години ќе се возат бесплатно. Билетот важи седумдесет (70) минути од моментот на валидација при првото качување и има можност за неограничено користење во метро во тој временски период. Цената на пакетот 10 + 1 билет чини 5,80 евра. Дневниот билет трае 24 часа од моментот на валидација при првото качување и е 2,50 евра. Планирано е метрото да биде достапно за граѓаните од 5:30 до 12:30 часот со можност за подоцнежни поаѓања во петок и сабота.