Почетна Македонија Собранието го изгласа законот за заем од половина милијарда евра од Унгарија

Собранието го изгласа законот за заем од половина милијарда евра од Унгарија

од nenad
3 минути читај за

Заемот од 500 милиони евра од Унгарската експорт – импорт банка ќе се повлече во една транша. Рокот на отплата е 15 години, со грејс период од три години, а каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 отсто. Ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати -Со 65 гласа „за“, Собранието денеска го изгласа Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем од половина милијарда евра од унгарската влада, по скратена постапка. „Против“ законот гласаа 15 пратеници, а „воздржани“ немаше.

За време на дискусијата која му претходеше на гласањето, опозициската СДСМ обвини дека договорот за заемот е направен зад затворени врати, со сомнителни намери и оти носи огромни политички и економски последици со зголемување на јавниот долг. Пратениците на СДСМ претходно се изјаснија дека ќе гласаат против законот кој го предложи македонската Влада.

Лидерот на најголемата опозициска партија Венко Филипче минатата недела побара власта да го повлече предлог-законот за задолжување на државата кај унгарската влада по скратена постапка и побара истиот да биде предмет на широка јавна расправа.

„Во самиот закон постојат јасно видливи членови и елементи со кои се потврдува огромната корупција. Би сакале да посочиме неколку клучни точки од законот со кој се потврдува договорената корупција и бизнис со овие пари. Најважно, ова задолжување е договорено уште кога ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, целосно вонинституционално и во четири очи. Како што тогаш бил договорен законот, надвор од сите процедури, така и сега Владата сака да го изгласа надвор од секаква дебата или анализа. Ова СДСМ го смета за скандал“, изјави Филипче на 12 септември.

Според ВМРО-ДПМНЕ, пак, постапката е транспарентна, а законот ќе внесе свежи пари во македонската економија и ќе помогне во развојот на општините преку поддршка на проекти. Претседателката на собраниската Комисија за финансирање и буџет, Сања Лукаревска, која доаѓа од редовите на СДСМ, одби да закаже седница на ова собраниско тело со што точката за гласање на законот ќе се ставеше на дневен ред во Собранието.Поради ова интервенираше спикерот Африм Гаши, кој ја закажа седницата на комисијата, додека со седницата претседаваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски.

Пратениците на СДСМ не присуствуваа на седницата на комисијата. Опозицискиот пратеник Фатмир Битиќи на собраниската седница рече дека државата ќе биде должник и ќе плаќа провизии на фирма која нема сама да ја избере. Тој обвини дека ќе се појават и „скриени трошоци за кои многу малку или воопшто не можеме да слушнеме ниту прочитаме“. Според него, со овој заем се остава простор за политички манипулации и корупција, а странските заемодавци може да поставуваат услови кои ќе бидат неповолни за Северна Македонија и ќе влијаат на државните внатрешни и надворешни политики.

„Унгарската банка има историја за финансирање проекти кои отстапуваат од западноевропскиот вредносен корпус. Се поставува прашањето дали истото ќе се случи и кај нас и дали ќе бидеме приморани да правиме политички отстапки за овој заем, дали ќе бидеме ставени под влијание на надворешнополитики агенди кои не се во согласност со демократските вредности на нашето општество“, рече Битиќи. Според донесениот закон, заемот од 500 милиони евра од Унгарската експорт – импорт банка, приватно друштво со ограничена одговорност, ќе се повлече во една транша.

Рокот на отплата е 15 години, со грејс период од три години, а каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 отсто. Ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година. Во законот се предвидува Северна Македонија да ѝ плаќа на Унгарската експорт – импорт банка провизија за неповлечени средства во висина од 0,5 проценти од заемот на годишно ниво. Провизијата за неповлечени средства ќе се пресметува на дневна основа на неповлечениот дел од заемот, пресметано од датумот на достапност на средствата и ќе се плати првиот работен ден по завршување на периодот на достапност

ДОБРО УТРО е дневен информативен портал. Информациите се од секојдневни !

Дизајн GLOBAL NET. Хостирано од MAX HOSTING