Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе побара објаснување за фотографијата пред бугарското знаме направена во Кабинетот на претседателот на Бугарија Румен Радев иако, како што нагласуваат оттаму, ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен.
„Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна“, велат од Кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова.
Фотографијата на која Сиљановска Давкова и Радев се ракуваат пред бугарското знаме во неговиот Кабинет предизвика реакции во земјата. Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, овој настан го опиша како „невидено погазување и понижување на достоинството на македонската држава и нејзините граѓани“.
„Првпат во историјата на нашата држава, македонски претседател оствари средба со претседател на друга држава без никакви државни обележја. Да биде скандалот уште поголем, на средбата присуствуваше и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој беше само нем сведок на недоличниот и понижувачки чин. Очигледно е дека ниту еден претставник на македонската делегација не реагирал на ова деградирачко однесување“, вели Филипче.