Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до граѓаните по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.
„11 Октомври е меѓникот што ја одреди нашата сегашност и иднина, денот кога ние храбро и одлучно се вклучивме во антифашистичката коалиција на слободољубиви и правдољубиви народи, со што ја избравме вистинската страна во најголемата војна во историјата на човештвото, цврсто решени да ги победиме окупаторите и да се избориме за слободна национална држава“, пишува во соопштението од кабинетот на претседателката Сиљановска. И претседателот на Владата Христијан Мицкоски во својата честитка истакнува дека „Македонците на тој 11 Октомври 1941 година се впишаа на мапата на слободарските народи, кои заедно со Сојузниците од Втората светска војна го поразија Нацизмот и Фашизмот“.
„Како генерација политичари, ние немаме втора шанса, и оваа шанса и доверба која ја ни ја дадовте мораме да ја зграпчиме и од истата извадиме најмногу што можеме, тоа им го должиме на сегашните, но и на идните генерации на кои мораме да им обезбедиме својата иднина да ја градат тука, зошто ни е аманет од тие пред нас“, се вели во соопштението со кое се пренесува честитката на премиерот.