– Северна Македонија и Црна Гора имаат исклучително добри односи и немаат отворени прашања.
Политичкиот дијалог меѓу двете држави е на највисоко ниво и сведочи за обостраната посветеност за понатамошно јакнење на соработката, особено на економски план, констатираа претседателите Гордана Сиљановска – Давкова и Јаков Милатовиќ на денешната прес-конференција во Цетиње.
Милатовиќ нагласи дека двете држави делат заедничка цел, а тоа е интеграцијата во Европската унија. – Во 2005 година тогаш Македонија, сега Северна Македонија, стана земја кандидатка за членство во ЕУ.
Тоа беше четири или пет години пред да стане Црна Гора кандидатка.
После 20 години, Северна Македонија се уште нема отворено ниту едно преговарачко поглавје, меѓу останатото поради билатералните односи со земјите од соседството, рече црногорскиот претседател.
Црна Гора како лидер во тој процес, како што посочи тој, тежнее да стане 28 членка на ЕУ до 2028 година и на тој пат останува искрен пријател на евроинтеграцијата на Северна Македонија и на целиот регион.
Претседателка Сиљановска – Давкова, говорејќи за уставните измени, рече дека како држава повторно сме соочени, сега на барање на ЕУ, да посегнеме по нови уставни измени.
-Соломанското решение што ќе доведе до вин вин ситуација го гледаме во одложното дејство на уставните измени. Причината – логична.
Секогаш кога ќе ги завршите преговорите за ЕУ и кога ќе започне и ќе заврши процесот на ратификација се посега или редовно по уставни измени – логично е тогаш и оваа уставна измена да стапи во сила тогаш, а не сега, бидејќи ние сме рекордери во уставни измени, за 30-ина години дури 36 уставни измени најчесто иницирани однадвор, а не одвнатре, нагласи претседателката.
Милатовиќ напомена дека посебно му е драго што во рамки на претстојните промени на Уставот, доколку Северна Македонија се одлучи за тоа, ќе биде додадено и црногорското малцинство.
– За Црна Гора уставното признавање на црногорското малцинство е знак на пријателство бидејќи тоа дополнително ќе овозможи ново поголемо гледање и подобро остварување на нивните права, рече тој.
Сиљановска Давкова посочи дека нема никаков проблем во Преамбулата да се внесат и Црногорците и дека никој не негира бидејќи, како што додаде, сите помниме дека сме биле повеќе од 50 години заедно во добро и во зло.
Двајцата претседатели се согласија дека билатералната соработка е добро развиена, посебно во областа на одбраната, внатрешните работи и културата, како и интензивната соработка на локалните самоуправи.
На денешната средба, Сиљановска Давкова и Милатовиќ се согласиле дека заедничка седница на владите на двете држави треба што поскоро да биде одржана.
– Целосно се согласувам со претседателот дека извонредните политички односи засновани на почит и разбирање треба да продолжат со економска соработка, бидејќи навистина таа во сегашните размери е симболична.
Инфраструктурно треба да се поврземе, во сите области треба да соработуваме бидејќи кога велам дека мене регионалниот интерес ми е најважен, идеалистички сметам дека е многу важно да се потенцира дека ако не се штитите меѓу себе не може да очекувате заштита од надвор.
Ако не се разбирате регионално меѓу себе, не можете да очекувате разбирање однадвор, рече Сиљановска Давкова.
Милатовиќ додаде дека се согласиле оти би било исклучително значајно да одржат заедничка мешовита комисија за економска соработка за да се даде дополнителен импулс во овој правец.
Во контекст на тоа посочи дека вкупната трговска размена меѓу двете земји е на ниво под потенцијалот, осносно изнесува само 50 милиони евра.
-Клучниот предуслов за тоа е подобра сообраќајна поврзаност.
Зборувавме за развој на железничкиот сообраќај како би можело Скопје, Тирана и Подгорица да бидат подобро поврзани, додаде црногорскиот претседател.
Милатовиќ на прес-конференцијата потенцира дека посебно го радува именувањето на Радмила Шекеринска, ексминистерка за одбрана за заменичка на генералниот секретар на НАТО.
Ова, како што додаде, е големо признание и за Северна Македонија, но и за целиот регион.
-Уверени сме дека со неа на таа висока позиција уште поефикасно ќе придонесуваме за јакнење на регионалната стабилност, нагласи црногорскиот претседател.
На средбата повторно било покренато и прашањето на воспоставување на авиолинија меѓу двете држави.
– Повторно го покренавме прашањето на воспоставување на авиолинија меѓу нашите земји и јас мислам дека нашиот амбасадор во Скопје интензивно во претходниот период работеше на тоа и верувам дека ќе имаме резултат напролет наредната година, рече Милатовиќ.
По заедничката прес-конференција, двајцата претседатели во дворот на резиденцијата на претседателот на Црна Гора засадија дрво на пријателство.
Попладнево, претседателката Сиљановска Давкова во Подгорица оствари средба со претседателот на Собранието на Црна Гора, Андрја Мандиќ. дма/бак/Фото: МИА .
Извор: МИА