Почетна Убавина и здравје „Силно верувам дека жените се помалку корумпирани од мажите!“ – Убавина и здравје

„Силно верувам дека жените се помалку корумпирани од мажите!“ – Убавина и здравје

од nenad
3 минути читај за

Нашиот светски признаен музичар ни откри кои жени го инспирираат и фасцинираат…

Владимир Василески-Четкар е едно од најпрепознатливите имиња во џез/фанк/соул-музиката, благодарение на континуираниот успех на неговите песни. Тоа го потврдува и неговата најнова диско-нумера Don’t Make Me Wait, која доби и свој динамичен видеоспот, снимен во Охрид. Нашиот музичар има настапувано на големи фестивали и во престижни џез-клубови во светот, но секогаш се враќа во родниот град, каде што вели дека се чувствува најубаво и најспокојно. Има многу што да се зборува со него – за музиката, за патувањата, за животот во Њујорк и динамичниот животен стил, но со Четкар овој пат разговаравме за жените кои го инспирираат и му предизвикуваат восхит.

 

„Среќен е човекот кого музите го сакаат“, кажал старогрчкиот поет Хесиод. Која е твојата муза?

Јас сум страстен љубител на историјата и на митот. Би ја посочил Хармонија како митски карактер што најмногу ме инспирирал, бидејќи поседувала моќ сите да ги зближи и смири. Така, на нејзината свадба со Кадмо, успеала да ги смири сите скарани богови и божици и да ги седне заедно, макар на еден ден. Оттаму и доаѓа зборот „хармонија“. Прекрасно, нели?!

Кои женски гласови имаат извршено влијание врз твојот музички развој?

Ги има многу. Некои се помалку, а некои се повеќе познати, но би ги издвоил Ренди Крафорд, Шаде, Џоселин Браун и Белита Вудс, бидејќи нивните гласови и изведби секогаш буделе волшебни емоции во мене и ми давале инспирација.

Како ја разбираш улогата на жената во денешното општество?

Жената има повеќе улоги во модерното општество. Првенствено, таа е столбот на семејството, бидејќи нејзината улога е пресудна за здравиот развој на децата. Но таа има есенцијална улога и во општеството, каде што сметам дека почесто треба да се појавува како лидер, бидејќи силно верувам дека жените се помалку корумпирани од мажите, а тоа ги прави посоодветни за многу функции.


Поврзани објави

Имаш патувано насекаде низ светот. Во која земја најмногу те фасцинирале жените?

Секаде има жени кои ме фасцинирале и мислам дека тоа генерално не зависи од местото, туку повеќе од квалитетите што ги поседува индивидуата.

Кои навики или начини на однесување кај жените те нервираат?

Истите работи кои би ме нервирале и кај мажите, како површност, мрзеливост, двојни стандарди и константно изигрување жртва.

Постои ли одговор на вечното прашање: што сакаат жените?

Постои! Жените сакаат да им е убаво на душичката како што, всушност, сакаме сите ние!

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

ДОБРО УТРО е дневен информативен портал. Информациите се од секојдневни !

Дизајн GLOBAL NET. Хостирано од MAX HOSTING