Полицијата се уште молчи за инцидентот на 19 август во Кичево, кога пред преполните летни тераси на две кафулиња, во вечерните часови, 4-5 вработени од една агенција за обезбедување брутално претепале момче среде улица. Инцидентот бил толку суров, што напаѓачите го удирале момчето со нозе по главата, истовремено снимајќи го целиот чин и смеејќи се на тоа. Сето ова се случувало пред очите на шокираните гости и посетители во кафулињата, велат сведоци за Плусинфо, кои сакаат да останат анонимни.
Полицијата и брзата помош биле повикани на лице место, но до денес, никаде нема официјална информација за овој инцидент. Иако сведоците на настанот биле многубројни, а инцидентот навистина бил вознемирувачки, останува прашањето зошто овој случај е прикриен и зошто не е објавен во јавноста. Од наши извори дознавме дека едно од овие лица било повредено и веднаш пренесено во болницата во Кичево. Оваа информација е потврдена, но зошто никој не зборува за ова?
Според нашите извори, агенцијата за обезбедување има силни врски во Министерството за внатрешни работи од порано, што отвора сомневање дека случајот може да бил и намерно игнориран. Исто така, според информациите до кои дојде Плусинфо, сопственикот на агенцијата е близок до една поранешна владејачка партија и тоа можеби е причината за игнорирањето на случајот. Плусинфо ја запраша полицијата дали и зошто овој настан не е пријавен во полиција. Во очекување сме на детални информации за инцидентот.