Доколку не го применува истиот принцип (како со Законот за кредит од Унгарија – н.з.) очекуваме образложение. СДСМ ќе ги преземе сите демократски механизми што стојат на располагање, велат од опозицијата. Пратеничката група на СДСМ не се откажува од законот за бранителите, упати писмо до претседателот на Собранието Африм Гаши и очекува тој да одговори дали и кога ќе ја закаже седницата на надлежната собраниска комисија за законот за бранители.
СДСМ очекува Гаши да постапи исто како и за законот за кредит од Унгарија. – Доколку не го применува истиот принцип, очекуваме образложение. СДСМ ќе ги преземе сите демократски механизми што стојат на располагање – се вели во дописот до Гаши. Гаши пак, во изјава за Канал5 информира дека дефинитивно нема да свика нова комисиска седница за законот. Вели дека ингеренциите во овој случај се само кај претседателката на комисијата за социјална политика Илире Даути, а тој лично не го крши Деловнкот.
За да се решат сите недоречености кои се злопотребуваат од страна на пратениците, најави дека ќе бара да се разгледуваат во собраниската комисија за деловнички прашања. Меѓу нив, и за Законот за бранители кој Даути од „Европскиот фронт“ одбива да го стави на дневен ред. -Деловникот во член 126 не вели дека „ако претседателот на комисијата одбива да стави конкретен закон“, туку „ако претседателот на комисијата не свика седница“. Со тоа што Илире Даути свика седница во рамки на роковите, не можам да свикам, деловникот ми го одзема правото да интервенирам и да назначам друг пратеник да ја води седницата.
Во овие четири месеци увидовме неколку недоречености како овој со Законот за бранители, како двојната функција на Талат Џафери, и уште неколку други прашања кои наскоро планирам да ги решиме преку комисијата за деловнички прашања – тие да одлучуваат и да носат заклучоци за следната измена на собранискиот деловник,-Африм Гаши – претседател на Собрание.