Table of Contents
Нејзиното име Ањеза (Агнеза) на албански значи цвет од роза, но денес таа е истовремено светица и контроверзна личност. Гонџа Бојаџиу, попозната како Мајка Тереза била родена на денешен ден пред 114 годиниа како најмало дете во албанско семејство во Скопје, за по 18 година во животот повеќе да не ги види мајка си и татко си. Нивната куќа се наоѓала во кругот каде денес е градскиот плоштад. Уште од 12 години Гонџа била фасцинирана од животите на мисионерите и нивната служба во Бенгал. Често одела на аџилак во светилиштето на Црната Мадона од Витина-Летнице. Во 1928 година го напушта Скопје и заминува во Ирска за да служи меѓу Сестри од Лорето во Ратфарнам. Нејзиното семејство веќе во 1934 се преселило во Тирана. Следната година пристигнала во Индија каде во подножјето на Хималаите учела бенгалски, а потоа го зела името Тереза. Веќе во 1950 година го основала монашкиот ред Мисионерите на милосрдието, каде, облечена со бел превез, со сини ленти, почнала да се грижи за изнемоштените, болните од ХИВ, лепра и туберкулоза. Во текот на годините обучила над 4.500 калуѓерки. Била активна во 133 земји.
Мајка Тереза верувала дека добила повик од Исус Христос да ги лекува луѓето, уште кога се возела во воз во Дарџилинг во Индија. Но, за истражувачите Крисофер Хачинс и Тарик Али, таа е „Ангелот на пеколот“, или барем така беше насловен нивниот документарен филм, во кој тие тврдат дека Мајка Тереза не ги лекувала луѓето, туку ги оставала да умираат, тајно ги крштевала без да знаат и добивала огромни пари од Ватикан. Меѓудругото, велат тие, таа го поддржувала Енвер Хоџа, кој се смета за комунистички лидер и диктатор.
Милијардите кои Ватикан не можел да ѝ ги исплати
Во 2017 година истражувачкиот новинар Џанлуиџи Нуци, во книгата со наслов „Оригинален грев“, објави сметководствени документи од Ватиканската банка, официјално позната како Институт за религиозни дела, кои откриле дека средствата што се чувале во име на Мајка Тереза, во нејзино име за добротворни цели, ја направиле најголемиот клиент на Банката, а тие се броеле во милијарди. Доколку Мајка Тереза одлучела да ги повлече парите од сметката за да ги искористи, Банката веројатно не ќе можела да ѝ исплати.
Фанатик, фундаменталист и измамник
Во 2003 година, откако Тереза беше прогласена за блажена од папата Јован Павле Втори, Хиченс продолжи со критиките, нарекувајќи ја „фанатик, фундаменталист и измамник“. Робин Фокс од списанието Лансет во 1994 ја критикуваше дека закрепнувањето на пациентите им го остава на чудото, односно дека нејзината нега била „инцидентна“.
Фокс сведочел како еден пациент со висока температура се лекувал со парацетамол и со тетрациклин, антибиотик, за подоцна да му биде дијагностицирана маларија од страна на визитинг лекар, кој препишал хлорокин. Фокс конкретно ја сметаше Тереза одговорна за овие состојби во Домот, пишувајќи дека Мајка Тереза „преферира промисла пред планирање“.
Шприцеви миени со ладна вода, аспирин за рак
Мери Лаудон, која волонтирала во истата установа, забележала како „шприцеви се мијат со ладна вода и повторно се користат, аспирин даден на оние со терминален карцином и ладни бањи дадени на сите“ како и пренатрупаност. Имаше серија други извештаи кои го документираат невниманието за медицинска нега во установите. Слични гледишта искажале и некои поранешни доброволци кои работеле под наредби на Тереза. Самата Мајка Тереза наводно ги нарекувала објектите „Куќи за умирање“.
Крштевки пред умирање, без довола на пациентот
Според Кристофер Хиченс, Мајка Тереза ги охрабрувала членовите на нејзиниот ред тајно да ги крштеваат пациентите кои умираат, без да ја земат предвид религијата на поединецот. Сузан Шилдс, поранешна членка на Мисионерите на милосрдието, пишува дека „сестрите требаше да го прашаат секој во опасност од смрт дали сака „билет за рајот“.
Биле крштевани Хиндуси и Муслимани
Потврдниот одговор требало да значи согласност за крштевање. Сестрата тогаш требало да се преправа дека таа само ја лади главата на пациентот со влажна крпа, а всушност го крштеваше, тивко кажувајќи ги потребните зборови. Тајноста беше важна за да не се дознае дека сестрите на Мајка Тереза крштеваат Хиндуси и Муслимани.
Хоџа, алкохолот и свинското месо
Во документарниот филм „Ангелот на пеколот“, Хиченс ја критикува Мајка Тереза за тоа дека го поддржувала Енвер Хоџа. Тој потсетува дека во 1967 година Хоџа насилно ги затвори сите верски објекти во Албанија, вклучително и римокатоличките од нејзината вера, а исто така го забранил приватното практикување на религијата. Хоџа исто така нудел храна и пијалаци за време на Рамазанските пости, а тие што одбивале свинско и алкохол јавно биле осудувани.
Сомнителните донатори, воената хунта
Мајка Тереза прифаќала пари од сомнителни донатори. Меѓу нив биле, на пример, Роберт Максвел кој имал проневерено 450 милиони британски фунти од пензиските фондови на неговите вработени, или Чарлс Китинг, кој бил обвинет за измама. Китинг ѝ го позајмил на Мајка Тереза својот приватен авион кога таа ги посетила САД.
Тереза ја поддржала номинацијата на Лисио Гели за Нобеловата награда за литература. Гели бил познат по тоа што бил шеф на масонската ложа „Пропаганда Дуе“, која била вмешана во разни убиства и случаи на корупција од висок профил во Италија, како и по блиските врски со неофашистичкото италијанско движење и Воената хунта која владееше со Аргентина од 1976 до 1983 година.
Целосно му припаѓам на Исус
Мајка Тереза доби неколку почести, вклучувајќи ја и наградата за мир „Рамон Магсајсеј“ во 1962 година и Нобеловата награда за мир во 1979 година. Таа беше прогласена за светица на 4 септември 2016 година, а денешниот ден, кој е годишнина од нејзината смрт, е нејзиниот празник. Многумина ѝ се восхитуваат поради нејзината добротворна работа. Конзервативните христијани ја фалат поради нејзините ставови за абортусот и за контрацепцијата. Според неа, „абортусот е големиот уништувач на мирот“. Познат е нејзината изрека: „Ако мајката може да го убие сопственото дете, што останува за тоа јас да те убијам тебе или ти мене. Ништо“.
И покрај контроверзиите таа останува светица чие влијание се простира пошироко од католичката вера и од Индија. Мајка Тереза останува запаметена како хумана личност, симбол на солидарноста и борбата против сиромаштијата, маркантна личност на 20 век. Нејзиното дело и денес се чествува интернационално. Нејзината Спомен куќа во нејзиниот роден град Скопје ја посетуваат туристи од разни земји.
– По крв, јас сум Албанка. По државјанство, Индијка. По вера, јас сум католичка калуѓерка. Што се однесува до мојот повик, му припаѓам на светот. Што се однесува до моето срце, целосно му припаѓам на срцето на Исус – вели за себе Мајка Тереза која течно зборувала бенгалски, албански, српско-хрватски, англиски и хинди.