Почетна Економија Пуштен во употреба нов детски велодром во паркот Сарај – донација од Стопанска банка

Пуштен во употреба нов детски велодром во паркот Сарај – донација од Стопанска банка

од nenad
3 минути читај за

Преку својата долгогодишна општествено-одговорна кампања „Вози право, вози здраво“, Стопанска банка продолжува да ја збогатува понудата на урбана велосипедска опрема во Скопје на задоволство на децата и семејствата од градот.

Деновиве беше предаден во употреба вториот СТБ Детски велодром, изграден во еден од најубавите паркови во државата, паркот Сарај, на површина од 1.500 метри квадратни.

Како надополнување на бројните спортско-рекреативни содржини во големиот парк, семејствата со помали деца сега ќе можат на безбеден начин да вежбаат возење велосипед во урбани услови, а притоа и да учат и совладуваат бројни сообраќајни правила со помош на поставената хоризонтална и вертикална сигнализација.

Како и претходните донации во рамки на кампањата „Вози право, вози здраво“, Банката наиде на огромна поддршка од Град Скопје во изборот на локација, дизајнирањето и изведбата на оваа интерактивна семејна содржина. Оттука, за изведбата на велодромот, Банката оствари соработка со јавните претпријатија „Улици и патишта“ и „Паркови и зеленило“, овозможувајќи на тој начин услови за поголема одржливост на донацијата.

При посетата на велодромот, генералната директорка за банкарство на мало, Милица Чапаровска Јовановска, изјави:

Инспирирани од позитивните реакции и од големата искористеност на претходните наши донации реализирани под капата на проектот „Вози право, вози здраво“, уверени сме дека и оваа нова содржина во паркот Сарај ќе наиде на голем одзив кај младите семејства. Веруваме дека секоја инвестиција направена во промоција на урбаниот велосипедизам дава долгорочни позитивни ефекти не само на индивидуално ниво, туку и за колективот – подобро здравје, почиста животна средина и секако подобро расположение. Стопанска банка останува доследна во своите заложби да биде активен член на општеството и покрај постигнувањето врвни резултати од своето работење да биде во континуирана поддршка на заедницата.“

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во оваа прилика изјави:

Ова е уште една спортско-рекреативна содржина со која ја зголемуваме понудата и атрактивноста за љубителите на спортот во Скопје. СЦ „Сарај“ станува дом на сите вљубеници на велосипедизмот, ролерите и скејтбордите, а истите ќе можат да уживаат и во другите забавни содржини на еден од најголемите рекреативни центри во нашиот град. Изразувам благодарност до претставниците на Стопанска банка, која како општествено одговорна компанија во рамки на проектот „Вози право, вози здраво“ реализираше уште еден проект значаен за граѓаните.“

За донацијата:

СТБ детскиот велодром #2 е минијатурна урбана сообраќајница без почеток и крај која на децата им овозможува да вежбаат возење велосипед во отсуство на автомобили и метеж, на безбеден и едукативен начин.

Поставената хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација им овозможуваат на децата да се запознаат подобро со поимите пешачки премин, кружен тек, семафор, рампа, паркинг и на тој начин да бидат подготвени да станат активни учесници во сообраќајот.

Потегот ќе биде дополнително збогатен со зимзелени садници и детски играчки.

Инвеститор е Стопанска банка АД – Скопје, проектантска фирма е „Радиус архитекти“, градежните работи ги изведоа ЈП Улици и патишта и „Интеко ДООЕЛ“, додека за хортикултурното уредување се погрижија „Фоја ДООЕЛ“ и ЈП Паркови и зеленило.

 

ДОБРО УТРО е дневен информативен портал. Информациите се од секојдневни !

Дизајн GLOBAL NET. Хостирано од MAX HOSTING