– Мерка притвор му е одредена на криумчарот, кој воедно управувал со глисерот со мигранти и предизвика несреќа во близина на грчкиот остров Кос во вторникот, при што животот го загубија две жени и две деца, објави грчката државна телевизија ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина.
Според изворите на ЕРТ, 38-годишниот во исказот пред судија и обвинител и вчера и денеска негирал секаква одговорност за несреќата, тврдејќи дека тој не е управувал со глисерот и одбил да ја каже земјата на потекло.
Мнозинството од спасените бегалци, го посочиле уапсениот дека е криумчар, по што му бил одреден притвор.
За несреќата во која животот го загубија мајка и нејзините две малолетни деца и уште една жена, а беа спасени 27 лица, од крајбрежната служба на Грција, како што во средата објави МИА, соопштија дека глисерот се превртел во обид да избегне патролен брод и да не застане на звучните и светлосни сигнали, а наместо тоа ја зголемил брзината и извршил опасни маневри со резултат да ја изгуби контролата и да се преврти.
Двајца членови на екипажот на патролниот брод на крајбрежната служба веднаш влегле во море за да ги спасат луѓето и биле извлечени вкупно десет лица, од кои две жени и две деца биле во бессознание.
Веднаш им била укажана прва помош и биле пренесени во пристаништето Кос, а оттаму со возило на Брза помош префрлени во болница, каде што била констатирана смрт. ср/рп/ .
Извор: МИА