На македонската теоретичарка на уметност и културна менаџерка Искра Гешоска, на роденденот на Јохан Волфганг фон Гете – 28 август, ѝ беше врачено најзначајното германско признание во културата за уметници и културни работници од странство – Гете-медал. Наградата ја доделува Министерството за надворешни работи на Германија преку Гете институтот, нивниот оддел за културна дипломатија, кој е еден од основачите на оваа исклучително важна гранка во културното дејствување. Лаудацио за Гешоска одржа филозофот Борис Буден. Признанието ѝ го врачи претседателката на Управниот одбор на Гете институтите, професор доктор Карола Ленц, на церемонија во Вајмар.
Германскиот Гете-институт од 1955 година го доделува Гете-медалот како официјално почесно одликување на Сојузна Република Германија и е најважната награда на надворешната културна политика. Кандидатите / кандидатките се номинирани од Гете-институтите низ светот во координација со германските амбасади. Комисијата за доделување на Гете-медалот, која се состои од личности од областа на науката, културата и уметноста, од овие номинации прави избор, кој го потврдува Извршниот одбор на Гете-институт.
Со доделувањето на Гете-медалот, германската публика се запознава со светски релевантни културни теми и актери/актерки, како и ја поддржува интернационализацијата на германскиот културен пејзаж. Гете-медалот за 2024 година го добија историчарката на уметност и културна менаџерка Искра Гешоска од Северна Македонија, литературната преведувачка и толкувачка Клаудија Кабрера од Мексико и Кармен Ромеро Кверо, основачка и директорка на чилеанскиот театарски фестивал „Teatro a Mil“.
Комисијата за доделување на Гете-медалот за 2024 година ја сочинуваат Рене Агуига (модератор и раководител на одделот „Литература, филозофија, религија“ на „Дојчландфунк Култур“, Берлин), Олга Грјаснова (писателка, Виена), Јулија Гросе (уметничка директорка на „Контемпорари Енд“, Берлин), Ана Хенкел-Донерсмарк (кураторка и директорка на „Берлинале Шортс“, Берлин), Матијас Лилиентал (драматург и интендант, Минхен/Берлин), Томас Оберендер (автор и куратор, Берлин), Антје Равик Струбел (авторка, Потсдам), Андреа Жшунке (раководителка на „Music WDR3“, Келн); застапник на германската амбасада е Ралф Бесте (раководител на Одделот за култура и комуникација); застапничка на Гете-институт е Карола Ленц (претседателка на Гете-институт) и Јоханес Еберт (генерален секретар на Гете-институт).
Од првото доделување во 1955 година со Гете-медал наградени се вкупно 380 личности од 70 земји, меѓу кои Јури Андрухович, Даниел Баренбоим, Дејвид Корнвел алиас Џон ле Каре, принцезата Софија Губаидулина, Агнес Хелер, Петрос Маркарис, Ширин Нешат, Ирина Шиер, Хорхе Семпрун, Роберт Вилсон, Хелен Волф.