Почетна Економија Предвремени парламентарни избори во Каталонија

Предвремени парламентарни избори во Каталонија

од nenad
2 минути читај за

Во Каталонија денеска се одржуваат регионални парламентарни избори, кои се сметаат и за тест за тоа колкава поддршка имаат сепаратистичките сили меѓу гласачите во таа шпанска покраина.

Учество на предвремените избори најави и поранешниот премиер на Каталонија, Карлес Пучдемон, кој живее во егзил од 2017 година и кој би ризикувал веднаш да биде уапсен доколку влезе во шпанска територија.

Пучдемон ја напушти Шпанија откако по него беше распишана потерница поради организирање на нелегален референдум за отцепување на Каталонија во 2017 година.

Дури откако левичарската шпанска влада на премиерот Педро Санчез го усвои контроверзниот закон за амнестија на опозицијата, во кој беа вклучени Пучдемон и стотици други поддржувачи на каталонската независност, му беше дозволено да учествува на изборите на 12 мај.

 На регионалните избори, кандидатот на социјалистичката ПСОЕ на Санчез, Савлвадор Ила, моментално води во сите анкети, пред Пучдемон и неговата партија Заедно за Каталонија, и актуелниот покраински премиер Пере Арагонес и неговата републиканска левица од Каталонија (ЕРЦ).

Арагонес распиша предвремени регионални избори откако владејачката коалиција не беше во можност да донесе нов буџет.

И популистичката партија на Пучдемон Заедно за Каталонија и социјалдемократската ЕРЦ ја поддржуваат независноста на Каталонија.

Ила освои најмногу гласови на регионалните избори во 2021 година, но не успеа да ја спречи коалицијата на сепаратистичките партии, предводена од РКЕ, да го задржи парламентарното мнозинство.

На непризнатиот референдум на 1 октомври 2017 година, 92 отсто од граѓаните се изјаснија за отцепување, но излегоа само 43 отсто од запишаните гласачи.

Во пресрет на референдумот, откако шпанскиот Уставен суд го прогласи за незаконски, покраината беше зафатена од бран протести и судири меѓу полицијата и поддржувачите на независноста.

Тогашната конзервативна влада во Мадрид ја распушти покраинската влада и воведе присилна управа во Каталонија, а водечките организатори на референдумот беа осудени на долги затворски казни.

Пучдемон побегнал од Шпанија со неколку негови соработници и оттогаш живеел претежно во Белгија.

Тој пред извесно време се пресели од Белгија во село на југот на Франција, веднаш до границата со Шпанија, каде веќе одржа неколку предизборни собири за приврзаниците од Каталонија.

Новите анкети покажуваат дека сега 50 отсто од Каталонците се против независноста, додека 42 отсто ја поддржуваат.

Во времето кога Пучдемон ја напушти Шпанија, во 2017 година, според тогашните анкети, 49 отсто од граѓаните биле за независност, а 43 отсто биле против.

Каталонија е една од 17-те регионални автономни заедници, како што се нарекуваат провинциите во Шпанија.

Како и некои други шпански провинции, Каталонија има своја специфична историја, култура и јазик што е малку поинаков од шпанскиот. мс/фото: МИА архива .

Извор: МИА

ДОБРО УТРО е дневен информативен портал. Информациите се од секојдневни !

Дизајн GLOBAL NET. Хостирано од MAX HOSTING