– Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков на денешната прес-конференција изјави дека погонот на германскиот концерн „Рајнметал“, отворен во Украина, може да стане цел на руски напади.
„Рајнметал“ најави дека планира да отвори четири погони за производство на муниција во Украина.
Претходно, руското Министерство за надворешни работи соопшти дека фабриките на германскиот концерн, кои моментално се во изградба, се „легитимна цел“ на руската војска.
Песков се осврна и на посетата на шефицата на севернокорејската дипломатија Чое Сон Хје на Русија. Таа денеска е во Владивосток, а утре е предвидено да ја посети Москва.
Тој истакна дека не е планирана средба на Чое со претседателот на Русија, Владимир Путин.
Посетата на Чое на Русија уследи еден ден откако НАТО соопшти дека севернокорејски војници се распоредени во Русија за да и помогнат на Москва во војната со Украина.
Путин не го демантираше присуството на севернокорејски војници во Русија. ми/фото: МИА архива .
Извор: МИА