Патник на летот Милано-Скопје на авиокомпанијата „Визер“ пушел цигара во авионот, 30-тина минути пред слетувањето на скопскиот аеродром.
Патникот запалил цигара во тоалетот кој се наоѓа до задната врата од леталото. Екипажот веднаш го пријавил случајот. Откако авионот слетал на скопскиот аеродром, патникот бил на разговор со надлежните служби.Средновечниот маж признал на екипажот дека пушел цигара, но не кажувал каде го фрлил отпушокот.
Според правилата на авиокомпанијата, пушењето во авион, вклучувајќи класични и електронски цигари, е строго забрането без оглед на должината на летот. Како што стои на сајтот на Визер, последиците за непочитување на оваа забрана се парична казна до 3.000 евра и апсење од локалната полиција.Од МВР за ТВ21 велат дека нема приведено лице во текот на вчерашниот ден по слетување на авионот.Патници велат дека и покрај строгите казни, се случувало и претходно во авионот да не се почитува забраната за пушење.
Ваквите инциденти не се невообичаени на летовите за Скопје. Пред две години патник се соблекол гол до појас и викал „УЧК“ на лет од Брисел за Скопје. Во друг случај пак патник мастурбирал на лет од Лондон, а инцидентите со патници кои запалиле цигара се чести, дел од нив добија и доживотна забрана за летање со „Визер“.
Инаку вчерашниот лет од Милано за Скопје се реализираше по доцнење од над 20 часа. „Визер“ не го реализираше редовниот лет на 15-ти август поради надминатиот број на часови за летање согласно регулативите. Летот беше одложен и од Скопје за Милано.Пораки испраќани од Визер до патниците на летот 4742 од Милано за Скопје
Авиокомпанијата патниците ги сместила во хотел, а другиот ден со „ад-хок лет“ и италијански екипаж се реализирал летот Милано-Скопје.За инцидентот со пушењето цигара прашања испративме до ПР агенцијата во Скопје и централата во Будимпешта, но до објавување на овој текст, одговори не добивме.