Провинцијалецот: Не возиме автомобил до теретана за да се качиме на статичен велосипед
Тропна октомври на врата, а септември за оваа година само што ги спакува куферите и некако паднаа температурите. И некогаш, до пред деценија време, се случуваше истото дури можеби и уште поизразено, но тогаш немаше социјални мрежи. Со падот на температурите на скалата на Целзиус зовре на социјалните мрежи. Се огласија, и метрополците и провинцијалците, но секој со свој статус и поглед на временските прилики или ако милувате неприлики. Фрчат коментари: „Плаќаме сметки, немаме парно… жално, ама вистинито“, „Не е прв пат“ и така до безредие, а истите оние Пеер браќа зад тестатурата со кратки ракави и црн елек, во комбинација со црна Битпазарка наочара се сончаат во маалското кафуле. Не може да е по Пеер брат од тоа што Аудито штри на пешачи, од карши што би рекле мештаните на главниот град, за да го гледа. На страна тоа ќе му направи и цела фото галерија за на Инста, фенси така било.
Е за разлика од депилираните билдери со по некој крст тетоважа, на кои се чини им недостасува само мармелада за сончање некаде во провинцијата некој провинцијалец си цепи и реди дрва. Тој се чатали на друштвените мрежи со своите спортско-работни вештини, но и пукањето на дрвата во огнот на печката. По некој провинцијалец ќе сподели фотографија од т.н „весела машина“, односно народски кажано казан за ракија. Во зависност во која провинција се наоѓаш таква и ракија или вино ќе си уживаш. Сакаш сливова, крушкова, лозова во комбинација со бел компир, домашно бело сирење и зелник по традиција на чукун баба испечен во столетна фурна ѕидана од дедо на твојот татко.
И додека Пеер браќата се зимурливи на Инста, а распослани на припек како гуштер среде карпа во август внимаваат и на своето физичко здравје. Не е лесно да си билдер, ќе проструи низ некое од шема местата на бреговите на Вардар. И кога ќе се запрашаш ќе си речеш и така е. Кога тргнува на пола саат вежбање во теретана Пеер братот си резервира три часа во денот. Тој половина час одбира модна комбинација за во теретана. Мора тоа добро да изгледа на фотосесиите за социјалните мрежи, притоа и да не било користено како моден избор во блиското минато. Згора на тоа треба да се извади колата од паркингот пред зграда, место најдено на жива среќа, и низ градскиот метеж да се вози до најурбаната градска теретана. Дека ако таму не вежбаат Пеер браќата мускулите нема да дојдат. Таман ќе стигнат пак проблем со паркингот. Но со тоа што еден час возат, седнати во една положба и вртат на воланот по стотици пати лево-десно додека паркираат всушност си прават предигра пред главната церемонија. Внатре неколку вежби за одржување на нивото, па турбо фотосесија и правење „рилови“ за следбениците. И ако мислевте дека тука завршува целата приказна се излажавте. По теретана и туш време е за депилација. Што маж со мускули си ако не си депилиран, како ќе се види дека си билдер.
Поврзани објави
На другата страна од Пеер браќата и метрополската урбана џунгла царува една есенска провинција. Градовите, за селата да не правиме муабет, се скоро празни. На мигови наликуваат на времињата кога владееше Ковид-19 и атрактивни беа полициските часови. По некое куче скитник, иако маалски миленик, ќе ве сретне и толку. Ги нема Пеер браќата на пикник во природа и на органски специјалитети кои ката дневно ги постираа цело лето на друштвените мрежи, фалејќи се дека нашле рај на земјата далеку од пеколното скопско лето. Од по некој двор чади казан, се пече ракија, а од страна собрани куп помошници. Кој помага при печењето кој при дегустацијата, погодете кои се побројни. Сите се среќни и весели, тие се неколкумина што остануваат во маалото. Нив не им треба теретана, автомобил за борба низ градскиот метеж кој го нема и мармелада за сончање. Си вежбаат додека цепат и редат дрва, печат ракија, а пак тен добиваат додека дегустираат тоа што го произведуваат, за на крај да падне и по некој мајтап. Во провинција папучар си ако оставиш повеќе сливи за мармалад отколку за ракија.
Фото: pexels/Taha Samet Arslan и printskrin Youtube/RTV Mag