Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина во последен момент вгради амандман во Предлог-законот за внатрешна трговија со цел да им се овозможи на општините и градовите да не ги применуваат одлуките за неработни недели, пишува Кликс.ба.
„Владата на Федерацијата на Босна и Херцеговина смета дека е неопходно да се додаде нов став (10) од член 18, со кој се овозможува градскиот/општинскиот совет да поднесе предлог до Владата на ФБиХ за усвојување на одлука со која ќе се утврди дека продажните објекти на територијата на тој град/општина можат да бидат изземени од примената на одредбите од ставовите (1), (2) и (3) на истиот член“, се наведува во образложението на Владата на Федерацијата на БиХ.
Тие наведуваат дека одлуките за работното време може да варираат во зависност од специфичните потреби на локалните заедници. Сè уште не е прецизирано како точно општините и градовите ќе го поднесат барањето за изземање од законот до Владата на ФБиХ. Сепак, беше утврдено дека Владата на ФБиХ има единствено овластување да ја донесе конечната одлука за можното изземање.
Ваквата одлука им овозможува на општините да не го применуваат законот, што ќе биде особено корисно за општините лоцирани во пограничната област. Имено, на продавниците во Хрватска веќе одредено време им е забрането да работат во недела, што е можност за профитирање на општините во Босна и Херцеговина, со оглед на тоа што хрватските граѓани од пограничната област на тој ден доаѓаат во Босна и Херцеговина на пазарење, што е исто така попрофитабилно за нив.