Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова се обрати на Генералната дебата на 79. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, што се одржува на тема „Не оставајќи никого зад себе: дејствувајќи заедно за унапредување на мирот, одржливиот развој и човечкото достоинство за сегашната и за идните генерации“.
Почитуван претседателe на Генералното собрание на Обединетите нации,
Ценети екселенции,
Дами и господа,
Поупатените во македонскиот случај знаат за сцилите и харибдите низ кои помина и сè уште минува мојата татковина, малата балканска држава, којашто иако индиректно, како една од шесте конститутивни југословенски републики учествуваше во создавањето на Обединетите нации, при приемот во ОН во 1993 година, се соочи со голема неправда.
Имено, таа беше примена под привремената референца, поранешна југословенска Република Македонија, но и со дополнителен услов да преговара за изнаоѓање конечно решение за спорот за името.
Во 2018 година беше потпишан и ратификуван Преспанскиот договор, по што следуваа неуспешен референдум и уставни измени со кои Република Македонија формално правно стана Република Македонија.
Како професорка по уставно право и како поранешна членка на Венецијанската комисија, знам дека она што е легално не секогаш е праведно и легитимно, оти во случајот на мојата држава, не се постапуваше во согласност со меѓународното и националното право, односно „се заборави“ правото на самоопределување на секој народ, загарантирано со Повелбата на ООН и уставот на СФРЈ од 1974 година.
Линијата којашто го двои легалното од праведното, понекогаш е само пукнатина, но друг пат е длабок јаз, па дури и бездна. Тој јаз, таа бездна најчесто и најтешко ги погодува малите народи и држави коишто се први жртви на судирот меѓу силата и правдата, оти може да биде непремостлива препрека за остварување на правото на прогрес.
Се разбира, новото име е формално-правна реалност и мојата држава Република Македонија, како одговорна земја членка на Обединетите нации и на НАТО, ги исполнува меѓународните обврски. Но, членството во ЕУ, заради кое го прави тоа, не само што не се оствари, туку македонските граѓани сега се пред нов, повторно „последен услов“ за уште една уставна измена, но, не за членство, туку за почеток на преговорите и тоа по втор пат!
За нас, членството во ЕУ, по 20 години преговори и дури 16 позитивни извештаи од Европската комисија, наликува на господинот Годо, оти го чекаме од 2005 година, охрабрувани од меѓународните претставници со рефренот: „уште само овој услов“, „уште само оваа отстапка“, „уште само оваа уставна измена“. Така, станавме „sui generis” држава, со 36 уставни измени за 30 години, закотвена во геополитичкиот регион наречен „Западен Балкан“!
Како мирољубива држава, посветена на добрососедството и на регионалната соработка, очекуваме разбирање и соработка со нашите соседи, без закана со вето, зошто каде што има вето, честопати, нема правда. Ветото стана инструмент за билатерализација на евроинтеграцијата, односно нејзина стагнација. Во услови на конфликт на европското тло, стагнацијата на евроинтеграцијата не само што ги демотивира македонските граѓани и ги забавува реформите, туку и го дестабилизира регионот на Југоисточна Европа, оставајќи простор за продор на малигни империјални и великодржавни влијанија.
Проширувањето мора да се врзе за меритократските Копенхагенски критериуми и да се ослободи од ветоизацијата врзана за обидот за ревизија на историјата и непочитување на националниот и културниот идентитет.
Од нашите европски и стратешки партнери очекуваме разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговорите за членство во Европската Унија, отфрлање на двојните стандарди и почитување на сопствените принципи и вредности, вградени во основните уставни документи.
Европската реунификација е како недовршена симфонија без нас. Европската Унија не е само политички систем, туку и политичка филозофија во која веруваат најголемиот број македонски и балкански политички актери и граѓани. Интеграцијата е моќен мотив и клучна сила за демократскиот развој. Целосната интеграција на Балканот во ЕУ ќе стави крај на бескрајното прекројување на границите и на балканизацијата како феномен. Но, се разбира, балканските држави мора да се однесуваат според европските стандарди, регионално поврзувајќи се и соработувајќи. Драгоцено е искуството и очекувана е помошта на земјите од регионот кои станаа дел од ЕУ, но и на оние коишто се на трасираниот европски пат. Мора да научиме да се поддржуваме едни со други, како во случајот со ковидот, поплавите и пожарите, наместо да се блокираме на европскиот пат. Homo Balkanicus може да биде Homo Europicus, кога сака!
Ценети екселенции,
Линијата којашто го двои легалното од праведното се провлекува не само во македонскиот случај, туку и низ речиси сите прашања што се на агендата на Обединетите нации, вклучително и оние опфатени во темата на годинашнава генерална дебата: „Не оставајќи никого зад себе: дејствувајќи заедно за унапредување на мирот, одржливиот развој и човечкото достоинство за сегашната и за идните генерации“.
Соочени сме со големи прашања:
1. Да почнам од најважното: Мирот. Можен ли е праведен мир кога се соочуваме со сè повеќе војни и со флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации? Можен ли е праведен мир со сè подлабоката милитаризација на политиката и со новата трка во вооружувањето?
2. Можно ли е човечко достоинство во амбиент на двојни стандарди, кога човечкиот живот не е еднакво вреднуван и кога страдањата на невините жртви во конфликтите не се еднакво третирани?
3. Како да постигнеме праведен развој, втурнати во трката за профит на сметка на народите на планетата, кога глобалните ресурси се жртвувани, маргинализирани, фрлени на периферијата, заборавени во националните и корпоративните политики и акции?
4. Како да се постигне социјална правда во услови на растечка економска, образовна, родова и дигитална нееднаквост меѓу државите и во самите држави, со сè помалубројни победници и сè побројни губитници на глобализацијата и дигитализацијата, првиве потонати во декаденција, а вториве во пауперизација?
5. Како ќе обезбедиме генерациска правда ако продолжиме со неодговорната и неконтролирана експлоатација на ограничените ресурси? Како ќе се создаде безбедна и одржлива иднина за нашите потомци, ако се продолжи со екоцидните производствени практики и конзумерски навики што оставаат свет задушен од аерозагадувањето, затруен со пестицидите и затрупан со пластика?
6. Со алармантното ниво на емисии на стакленички гасови што забрзано водат до климатски промени со катастрофални последици, дали ние воопшто можеме да зборуваме за одржливост или, пак, треба да почнеме да размислуваме за преживување/способност за живеење? (sustainability vs. habitability).
Главниот проблем е што сите овие неправди се системски, што значи, дека ако не се легализирани, тогаш се премолчено толерирани. Она што е легално, за жал, не секогаш е праведно и морално, да повторам уште еднаш.
Зошто е тоа така? Во најпознатиот дијалог за моќта и за правдата, Тукидит потсетува дека „правдата е збор кој има вредност во расправиите меѓу луѓето само кога двете страни имаат подеднаква сила; во останатите случаи силните го прават тоа што можат, а слабите она што мораат“.
Но, Обединетите нации постојат за да го облагородат суровиот тукидитов свет, со тоа што, обезбедувајќи правна еднаквост меѓу нациите, ќе ја скротат моќта на големите и ќе ги заштитат малите народи. Токму таа правна еднаквост е предуслов за постигнување на врвните цели на Обединетите нации – мирот и безбедноста, човековите права и одржливиот развој. Обединетите нации постојат за да го надминат или барем да го намалат јазот меѓу легалното и праведното.
Пред голем предизвик сме: како правното да стане и праведно, односно праведното легално? И, како, она што е легално и праведно да се имплементира?
Почитувани присутни,
Нема едноставни, евтини и безболни решенија за овој двоен предизвик. Тука, во оваа свечена сала на Генералното собрание, со години лидерите на светот ги споделуваат своите очекувања и разочарувања од Обединетите нации што, не ретко, осцилира помеѓу две вредности – утопискиот оптимизам, од една страна, и нихилистичкиот песимизам, од друга страна. Но, реалноста е комплексна и содржи и успеси и неуспеси.
Обединетите нации превенираа нова Светска војна, но не успеаја да ги превенираат и спречат регионалните конфликти, вклучително и војната во Украина и крвопролевањето на Блискиот Исток, чии сцени наликуваат на „Герника“ од Пикасо.
Светската организација крена милиони луѓе од сиромаштијата, но сè уште не успева да ја искорени гладта.
Со правото на самоопределување, го забрза процесот на деколонизацијата, но не успева да го надмине јазот меѓу богатиот Север и сиромашниот Југ.
Обединетите нации се главниот двигател за решавањето на глобалните безбедносни, мигрантски, здравствени, еколошки, енергетски и климатски кризи, но, ретко која од нив е потполно и праведно разрешена.
Резолуциите на ова генерално собрание ја одразуваат волјата на мнозинството нации, но не секогаш се доследно почитувани.
Меѓународниот суд на правдата е крајната инстанца на правда меѓу државите, а сепак неговите пресуди не секогаш се спроведувани, па дури и се третираат како совети.
Светот минува низ бурна геополитичка, економска, научна, технолошка и индустриска трансформација во која човекот има огромно влијание врз планетата. Се плашам дека ја уништува Еденската градина и дека повторно ќе биде избркан од неа, ако не му помогнат Обединетите нации .
Но, надлежностите, структурите и процедурите на Обединетите нации како да се замрзнати во времето на нивното основање, во 1945. Наместо зголемена соработка и акција за горливите прашања, се интензивира геополитичкото ривалство и новата трка во вооружување што забрзано нѐ турка кон состојба што наликува на нова, втора студена војна и на Орвеловиот свет!
Ретко кога Обединетите нации ни биле толку потребни како денес. А сепак, ретко кога, Обединетите нации биле толку политички маргинализирани како што се денес.
Дами и господа, почитувани колеги,
За да се надмине оваа политичка маргинализација, потребен е нов дух на мултилатерализам што ќе ги ублажи геополитичките ривалства и ќе ја зголеми довербата и соработката меѓу државите околу споделените предизвици. Тој мултилатерализам се потпира врз три столба.
1. Првиот е доследното почитување на Повелбата на Обединетите нации и на меѓународното право коешто постои за да ги заштити послабите од предаторските инстинкти на посилните.
Во овој контекст, македонската држава цврсто стои на ставот дека територијалните претензии и обидот да се стекне територија со сила се флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации. Кога опасните преседани остануваат неоспорени, тие се трансформираат во толерирани практики што ги загрозуваат светскиот мир и безбедноста. Затоа, ние ги поддржуваме заложбите за одржлив, праведен и траен мир во Украина, втемелен врз меѓународното право, вклучително и Повелбата на Обединетите нации. На тој план, целосно се усогласивме со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија.
Ова е важно за нас, бидејќи војните и конфликтите се одразуваат и на мирот и стабилноста на Југоисточна Европа и Западниот Балкан. Мултилатерализмот зависи и од почитувањето на меѓународните договори. Како држава посветена на добрососедството и регионалната соработка, ние ги почитуваме билатералните договори со нашите соседи и очекуваме и нашите соседи да ги почитуваат договорите без да го злоупотребуваат правото на вето.
2. Вториот столб на мултилатерализмот е доследното спроведување на Целите за одржлив развој и на сродниот Париски договор и Рамката од Сендаи за намалување на ризиците од катастрофи.
На национален план, со поддршка од Обединетите нации и од нивните агенции, ние ја вклучуваме Агендата 2030 во нашите долгорочни развојни стратегии, политики и закони. Високо на нашата агенда се климатската акција и зелената и праведна транзиција, родовата еднаквост и борбата против дискриминацијата на жените и девојките, како и вклучувањето на младите во процесите на одлучување. Две третини од Целите за одржлив развој се директно поврзани со европското законодавство, па Обединетите нации ни помагаат во спроведувањето на европските реформи. И за тоа сме им благодарни.
3. Третиот столб на новиот мултилатерализам го гледам во поголемата посветеност кон реформа на Обединетите нации, што ќе биде суштинска, а не козметичка и корективна, реформи, што ќе го отклучат потенцијалот на Обединетите нации и ќе овозможат гласот на секоја држава, голема или мала, да биде еднакво слушнат и вреднуван.
Првата група реформи треба да помогнат во усогласување на Обединетите нации со новите предизвици и новите развојни приоритети. Сè почестите екстремни временски појави предизвикани од климатските промени се само предигра на тоа каква иднина нè очекува нас и нашите потомци, доколку од корен не се промени односот на човештвото кон природата и планетата. Потребен ни е нов општествен договор, како што вели Жан Жак Русо, но и нов природен договор (Natural Contract), како што вели Мишел Сера, со кој природата ќе ја третираме како партнер!
Втората група реформи би ги опфаќала структурите и процедурите на Обединетите нации, почнувајќи од правилата за гласање, преку финансирањето, до автономијата на генералниот секретар. Како што реков, каде што има вето, нема правда. Неспорен факт е дека правото на вето е легално, но, прашање е колку е праведно, кога се користи за да се парализираат процеси од коишто зависи исполнувањето на целите на Повелбата и очекувањата на народите во светот? Неопходно е Генералното собрание да добие поголема улога во одлучувањето, како претставничко тело на народите, во духот на: We, the Peoples, We, the Nations! Легитимитетот на Советот за безбедност извира од Генералното собрание, па тој треба да функционира како своевидна коалициона влада на народите!
Третата група на реформи би ги зајакнала механизмите на Обединетите нации за заштита на ранливите популации и групи, што е особено важно денес, кога бројот на жртвите и бегалците е на највисоко ниво од Втората светска војна.
Ценети присутни,
Наредната 2025 година ќе славиме 80 години од основањето на Обединетите нации. Оваа година е последниот повик. Обединетите нации или ќе станат мотор којшто ќе го движи светот кон похуман, поправеден и поодржлив поредок, втемелен врз инклузивно и одговорно владеење, или ќе се сведат на пасивна бирократизирана структура целосно зависна од главните актери во геополитичките процеси и односи.
Само суштински реформирани, Обединетите нации можат да го надминат јазот меѓу легалното и праведното и да придонесат кон вистински трансформиран свет во кој никој нема да биде оставен и заборавен. Like in the song of John Lennon “Imagine”.
Ви благодарам.
Post Views:
2