Норвешка денеска објави дека наскоро ќе ги затвори границите за руските туристи, не дозволувајќи им директен пристап до Шенген зоната. Иако не е членка, Норвешка го следи примерот на ЕУ, која презеде слична мерка по руската инвазија на Украина. Таа скандинавска земја дели 198 километри копнена граница на Арктикот со Русија.
„Одлуката за заострување на правилата за влез е во согласност со пристапот на Норвешка да застане на страна на своите сојузници и партнери како одговор на илегалната агресија на Русија против Украина“, рече министерката за правда Емили Енгер Мехл. Норвешка, членка на НАТО, речиси престана да издава туристички визи за руските граѓани од пролетта 2022 година.
Само имателите на долгорочна виза издадена пред тој датум или оние кои поседуваат виза издадена од друга шенген земја можеа да го поминат граничниот премин Сторски-Борис Глеб, единствениот копнен премин меѓу двете земји. Од 29 мај ќе им биде забранет влез во Норвешка.Предвидени се исклучоци, соопшти Министерството, особено за руските граѓани кои ги посетуваат членовите на блиското семејство кои живеат во Норвешка и оние кои работат или студираат во таа земја или други земји од Шенген зоната. Иако не е членка на ЕУ, Норвешка е тесно поврзана со неа и ги усвои речиси сите санкции што Брисел ги воведе против Русија.