Почетна Македонија Новинарство за новата генерација: Младите учеа како да работат со податоци и да креираат визуелизации

Новинарство за новата генерација: Младите учеа како да работат со податоци и да креираат визуелизации

од nenad
3 минути читај за

Денес, повеќе од кога било порано, потребно е искусните професионални новинари да го споделат своето знаење со помладите колеги и да се осигураат дека напорите за зачувување на вистината ќе се применуваат и понатаму. Ова беше главната порака од новинарот на Њујорк тајмс, Роберт Гебелоф, на отварањето на обуката за работа со податоци и визуелизации на податоци која изминатите три дена се одржа во Скопје. Покрај Гебелоф, кој воедно предава дата новинарство на Факултетот за новинарство при Универзитетот Колумбија, обучувачи беа и главниот уредник на Новинската агенција Мета, Горан Ризаов, како и Деспина Ковачевска, која работи мониторинг на медиуми во Фондацијата Метаморфозис.

Роберт Гебелоф од Њујорк тајмс беше еден од обучувачите | Фото: Мета.мк

На свеченото отварање присуствуваше и Амбасадорката на САД во Северна Македонија Анџела Агелер која посочи оти работата на новинарите денс е поважна од кога било претходно.

„Вашата улога е посложена од едноставно информирање што всушност се случува“, рече Агелер додавајќи оти новинарите треба да информираат, едуцираат, разјаснат, врамат, ипсрават, па дури и да го обликуваат цунамито од податоци и впечатоци што кружат во јавниот простор. „Интегритетот во вашето известување може да влијае на согледувањето на јавноста и да ги прикаже проблемите на начин што граѓаните и лидерите ќе можат да го изберат најдобриот пат напред за прашањата од најголема важност за една земја и за новата генерација гледачи, читатели и гласачи. САД и Амбасадата ќе бидат токму таму со вас, пронаоѓајќи нови начини за спротивставување на хаосот и прикажување на вистинските информации на јавноста, за да можат да ги донесат најважните одлуки“, рече Агелер.

Амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер, одржа поздравен говор на отварањето на обуката | Фото: Мета.мк

Како што додаде таа, Амбасадата на САД повеќе години наназад работи со Меѓународниот центар за новинари (ICFJ) и со Фондацијата Метаморфозис што влева убедување дека обуката ќе биде продуктивна.

На тридневната обука која се одржа од 13 до 15 ноември имаше 15-ина млади учесници од различни делови од земјата. Тие имаа можност да научат што се податоци, какви типови на податоци постојат, како и каде се бараат податоците, начини за чистење на податочни сетови, нивна анализа и визуелизација. Годинава, за прв пат пред младите македонски новинари беше презентиран и софтверот за обработка и анализа на податоци – R.

Ова е прва обука од серијалот на три вакви обуки, кои Фондацијата Метаморфозис ќе ги реализира годинава во соработка со Меѓународниот центар за новинари (International Center for Journalists – ICFJ) од САД. Ова е трета година по ред како се имплементира оваа програма и до сега на обуките на Метаморфозис и ICFJ учествуваа речиси стотина млади лица.

На сите обуки во рамки на програмата, без разлика дали се на тема визуелизации на податоци, проверка на факти или прибанкинг, обучувачи се еминентни новинари од САД, заедно со новинари од медиумите на Фондацијата Метаморфозис.

Најдобрите шестмина учесници од трите работилници имаат можност за едномесечно платено практикантство во еден од трите медиуми на Метаморфозис, Порталб, Мета или Вистиномер. Дополнително, најдобрите практиканти заминуваат на еднонеделна студиска посета на главниот град на САД, Вашингтон.

Заинтересираните млади лица од 18 до 29 години веќе можат да аплицираат за учество на останатите две работилници кои ќе се одржат во текот на 2025 година, едната во февруари за проверка на факти, и втората во април за прибанкинг.

ДОБРО УТРО е дневен информативен портал. Информациите се од секојдневни !

Дизајн GLOBAL NET. Хостирано од MAX HOSTING