Фестивалот „Недела на дизајн во Скопје“ („Skopje Design Week“) ги започна активностите со тоа што го објави првиот повик за дизајн, тематски насочен кон безбедноста на велосипедистите во сообраќајот и сите пропратни елементи поврзани со унапредување на истото.
– Велосипедот спаѓа во едно од најупотребуваните превозни средства во градовите низ Европа и Азија, додека кај нас сè уште возењето велосипед важи за недоволно безбедно урбано превозно средство. Поради тоа, иако е во подем и добива институционална поддршка, употребата на велосипедот за транспорт во Скопје и другите поголеми градови во Македонија, сè уште, не е на завидно ниво.
Овој повик има за цел да биде гласен апел за подобрување на условите за користење велосипед во урбана средина, почнувајќи од соодветна инфраструктура, подобрување на т.н. вело-култура и, воопшто, поголем степен на култура во сообраќајот. Затоа овој повик, покрај дизајн на аксесоари за велосипед, како педали, рачки на велосипед, ѕвончиња, дизајн на велосипед, отвора простор и за предлог дизајн-решенија за паркинг на велосипед, транспорт на велосипед, комбинација јавен транспорт + велосипед, но и низа алатки за подобрување на безбедноста, како стикери, амблеми, шлемови и друго – истакнуваат од „Недела на дизајн во Скопје“.
Рокот на повикот за дизајн-решенија е до 14 септември, а потоа селектираните идеи ќе добијат своја реализација и ќе бидат изведени до почетокот на фестивалот. Истите ќе бидат презентирани и пред општините на град Скопје со цел нивно евентуално идно имплементирање. Повикот е објавен на веб-страницата на „Skopje Design Week“, како и на сите негови профили на социјалните мрежи. Партнер на отворениот повик е Стопанска Банка.
„Недела на дизајн во Скопје“ е фестивал кој со години го третира индустрискиот и продукт-дизајнот. Годинава ќе се одвива од 6 до 10 ноември во „Јавна соба“, „Мала станица“ и во книжарницата „Литература“ во „Дајмонд мол“ во Скопје.
„Недела на дизајн во Скопје“ е дел од европската мрежа на манифестации на дизајн-фестивали, меѓу кои „Миксер“ од Белград, „What Design Can Do“ од Амстердам, „Барселона дизајн вик“ и „Австрија Дизајн“. Сите платформи во фокус ја ставаат Зелената агенда и еко-дизајнот на идните млади дизајнери под мотото „Next Gen Design“.