Почетна Македонија Најдобрите човекови пријатели, касаат ли касаат по скопските улици

Најдобрите човекови пријатели, касаат ли касаат по скопските улици

од nenad
3 минути читај за

кучиња /фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ
Ако пред десетина години Скопје се соочуваше со бројка од 1.000 до 2.000 кучиња регистрирани од здруженијата по улиците и уште неколкупати повеќе неизброени, сега според податоците се околу 5.000. Полициските билтени секојдневно бележат нови каснувања од кучиња, а Град Скопје и општините низ државата исплаќаат огромни суми за оштетувања на повредените граѓани.
Глутница кучиња пред некој ден во вечерните часови нападнаа човек во Аеродром. Неговите болни крикови од каснувањата ги вознемирија сите соседи, но очигледно тие не стигнуваат до ушите на институциите, затоа што проблемот со бездомните кучиња во Скопје станува застрашувачки голем, а решение досега не се најде. Не само што не се најде, туку како што моментално стојат работите, наскоро ситуацијата нема да се промени.

   

Па, така, уличните кучиња, на кои благонаклонето гледаат сите здруженија за заштита на животни, за повеќето скопјани се кошмар, особено доколку се движат по улиците навечер. Тогаш, мирните животни кои денот најчесто го минуваат лежејќи мрзеливо по тревниците и улиците, почнуваат да талкаат по улиците здружени во групи и стануваат агресивни. Некои од нив напаѓаат и дење испровоцирани од велосипедистите и граѓаните на тротинети.
Граѓаните пак, „тренираат техники“ како да останат мирни при неочекувана средба со нив, а некои се движат со спрејови со солзавци и свирчиња за бркање кучиња. Прашуваат дали некој во градов и државата размислува за овој проблем и има ли некој што може да ги заштити од нападите на кучињата.

Полициските билтени речиси секојдневно бележат нови каснувања од улични кучиња. Град Скопје и општините низ државата исплаќаат огромни суми за оштетувања на повредените граѓани.
Сите овие пари да се насочеа кон изградба на стационари, досега проблемот ќе беше решен – коментира скопјанец.
Во Скопје единствена институција задолжена за уличните кучиња е јавното претпријатие „Лајка“, покрај неколкуте помали приватни прифатилишта, кои законски не се одговорни за овој проблем. Но, „Лајка“ располага со капацитет за згрижување на најмногу 150 кучиња истовремено, кои всушност само „транзитираат“ низ стационарот додека не го поминат хуманиот третман, а потоа повторно се враќаат на локацијата од каде биле заловени.

И ако пред десетина години Скопје се соочуваше со бројка од 1.000 до 2.000 кучиња регистрирани од здруженијата по улиците и уште неколкупати повеќе неизброени, сега според податоците се околу 5000.
Во неодамнешното интервју во „Слободен печат“, директорката на „Лајка“ Радмила Пешева посочи дека само половината од нив се третирани.
Од последната анализа што ја направивме во текот на зимата, околу 5.000 кучиња во моментов има на скопските улици, од кои само половина се третирани, вакцинирани, стерилизирани и имаат поминато тест за социјализација. Прочистени се од паразити, значи го поминале хуманиот третман. Но, ние сме единствено вакво претпријатие, имаме заситеност на капацитетот, имаме и финансиски проблеми бидејќи општините не плаќаат за услугите, во моментов имаат долг од 20 милиони денари – вели Пешева.Според неа, со ограничените капацитети на претпријатието, единствено решение е вдомување кучиња од стационарот.

ДОБРО УТРО е дневен информативен портал. Информациите се од секојдневни !

Дизајн GLOBAL NET. Хостирано од MAX HOSTING