Почетна Технологија Најголемата општина во државата – Куманово нема кино, младите бараат решавање на проблемот

Најголемата општина во државата – Куманово нема кино, младите бараат решавање на проблемот

од nenad
6 минути читај за

Куманово е еден од ретките градови во земјата кој нема кино. Кумановци кои сакаат да гледаат филм на големо платно најчесто заминуваат во соседните градови Скопје или Свети Николе, кои се оддалечени повеќе од 40 километри.  Тоа им одзема многу време, но им создава и дополнителни трошоци, поради што најчесто ги одвраќаат од идејата да одат на кино. Немањето кино во најголемата општина во државта е неприфатливо за младите, кои и во текот на годината, а особено во летниот период имаат потреба квалитетно да го организираат своето слободно време.

   

„Сакаме да одиме на кино, но немаме каде. Понекогаш се организираме со другарките да одиме во Скопје, но тоа е доста проблематично, бидејќи некој треба да не вози, да не чека, ако патуваме со меѓуградски автобус тогаш мораме да користиме градски превоз или такси во Скопје. Многу е комплицирано, затоа ретко одиме. Бараме од надлежните, тие кои ги носат одлуките во градот да најдат начин и да помогнат да се отвори кино, бидејќи многу ни фали“, изјави 16-годишната Марија.

Куманово до 90-тите години на минатиот век имало две кина: „Козјак“ и „Напредок“. Постарите кажуваат дека тие било центар на забавата за младите, и редовно ги посетувале за да бидат во тек со домашната и светска кинематографија. Иако проекциите на популарните филмови траеле со недели, секогаш се барала карта повеќе.
„Куманово во 60-те години имаше два „биоскопи“ како ги викавме тогаш. Тоа беше една од ретките, некогаш и единствена разонода за младите. Во тие години се прикажуваа филмови со познати актери како што се Софија Лорен, Брижит Бардо или Одри Хепберн. Посебна атракција за девојчињата беше прикажување на филм со Ален Делон или Белмондо. Филмските проекции почнуваа во 17 часот, што значеше  бегање од последните часови. Ризикуваме, но задоволството беше големо.  Зимно време имаше голема печка на дрва на влезот во салата, задимена од уште неразгорените дрвја, ама доволно топла  за да ги загрееме смрзнатите раце.

Во летните месеци , пак, во кино Козјак наместо во салата, филмовите се прикажуваа во бавчата.  Неколку дена однапред баравме дозвола од родителите, имаше убедување,  па ќе паднеше и некоја солза, ги собиравме парите за влезница. Нешто незазмисливо во оваа време, ама тогаш бевме среќни, се дружевме, разговаравме за впечатоците од гледаниот филм и секоја на свој начин мечтаеше и сонуваше“, се сеќава Славица, повозрасна кумановка. Со процесот на транзицијата, двете кина се затворени. Киното „Козјак“ е приватизирано и дел од објектот е пренаменет во деловен простор, а летното кино „Напредок“ во Занаетчискиот дом доби друга намена.

Културните институции немаат технички можности и пари за  најновите блокбастери

Во недостиг на кино, две културни институции во Куманово повремено вршат проекција на филмови, но немаат редовен репертоар. Младински културен центар (МКЦ), кој е наследник на   киното „Козјак“, како  и Центарот за култура „Трајко Прокопиев“  имаат сали, но  немаат  финансиски и технички можности да бидат во чекор со современата продукција што ја бараат љубителите на филмската уметност. Тие најчесто прикажуваат стари европски филмови или даваат техничка поддршка на продукциските куќи.

Од Центарот за култура велат дека со реконструкција на зградата на Театар Куманово очекуваат дека ќе  добијат квалитетна техника и помала сала, со што ќе се создадат услови за отворање на кино.
„Доаѓаа луѓето од Синеплекс и кажаа дека нашата сала е голема за филмски проекции. Новите филмови кои ги нарекуваат блокбастери чинат многу пари и ние како Центар за култура не можеме да ги платиме во моментов. Отворањето на кино не зависи само од нас, најмногу од интересот на публиката , од продажбата на карти,  меѓутоа најбитни се техничките услови за изведување на таквите проекции за да може публиката комплетно да ужива во филмот кој се бара во ова ново модерно време“, вели Сашо Тодоровски, директор на Центар за култура.

Директорот на МКЦ Мирослав Крстевски, тврди дека тие имаат комплетна опрема за кино, меѓутоа не е во функција поради нерасчистени деловни односи и немање на интерес од публиката.
„Филмовите кои би ги обезбедиле можат да се прикажуваат на нашата техника, всушност како што функционираат и во цела Македонија, со видео бимови и ДЛП проектори со долби звучен сараунд систем. Секако дека тоа би биле филмови за кои би имало интерес кај публиката. МКЦ „Козјак“ располага со 265 седишта, што би било идеално за интересот кој го покажуваат граѓаните“, изјави Крстевски.

Од Општина Куманово признаваат дека е проблем што нема кино во градот, но велат дека планираат да отворат летно кино во паркот на Спомен костурницата. За кино сала во моментот немаат слободен простор, но доколку Општината добие некој од запуштените објекти, како што е поранешниот Пионерски дом може да се рамислува на таа тема.
„Градот нема кино и тоа се наметнува како проблем, но прашање е колкав ќе биде интересот кај публиката ако го отвориме. Јас сум љубител на филмови, ама при секои одење на кино во Скопје, кое е многу побројно од Куманово, забележувам дека има само по неколку посетители“, вели Александар Крстевски, раководител на Секторот за култура во Општина Куманово.

Дел од граѓаните со кои разговаравме сметаат дека најадекватен простор за отворање на кино се моловите и трговските центри, а бидејќи неодамна е отворен таков објект во Куманово, треба да се размислува во таа насока.
„Последниот филм што го гледавме беше „Барби“ во  Синеплекс во Скопје , и тоа на инсистирање на ќерките. Таму има доволно паркинг места, се наоѓаш во затворен простор и има понуда од пуканки и разни грицки, сокови и вода за пиење. Затоа и мислам дека трговските центри се решение за кино сали, на пример во Сити мол во Скопје има повеќе сали со различни капацитети и одреден филм се прикажува во онаа сала која по број на места може да се наполни за да е финсиски исплатливо“, објаснува Виктор.

Други кумановци, пак, мислат дека кината губат на својата популарност поради можноста да се извадат филмови од интернет, па повеќе сакаат да ги гледаат дома.
„Помина времето на романтичното исчекување да гледаш филм на кино. Да стоиш во ред за карта, да се чекаш со другарите и девојката. Најпопуларни беа оние кои први ќе го гледаат филмот. Паметам дека имаше и т.н тапкароши кои поскапо ги продаваа картите, за филм за кој се бараше билет повеќе. Мислам дека денешните генерации никогаш нема да го сфатат тоа, нема како да им го објасниме“, завршува нашиот соговорник.
Наспроти ова невладините младински организации проблемот со кино го мапираат како еден од сериозни недостатоци на културната понуда во градот. Нивните истражувања покажале дека отварањето на кино е еден од приоритетите на младите во Куманово.

ДОБРО УТРО е дневен информативен портал. Информациите се од секојдневни !

Дизајн GLOBAL NET. Хостирано од MAX HOSTING