Почетна Убавина и здравје „Најважно е да си свесен колку знаеш, колку можеш и колку вредиш – добриот изглед е само бонус!“ – Убавина и здравје

„Најважно е да си свесен колку знаеш, колку можеш и колку вредиш – добриот изглед е само бонус!“ – Убавина и здравје

од nenad
5 минути читај за

Познатата стилистка ни ги откри тајните на нејзината убавина

Со оглед на тоа што важи за една од најуспешните мејкап-артистки, модни дизајнерки и стилистки кај нас, јасно е дека естетиката игра важна улога во нејзиното секојдневје. Секогаш средена и полна со самодоверба, Фросина ФРАН плени со својата појава и ретко кога останува незабележана. Која е нејзината тајна?

Има ли денови кога си дозволуваш да излезеш од дома без шминка?

Порано не си дозволував ни до продавница да одам несредена. Дури и бев озборувана дека никој никаде не може да ме види без шминка, до тој степен што и во фитнес-сала одев нашминкана. Колку и да звучи клише, откако станав мајка, приоритетите ми се променија, па морав да го рационализирам времето наутро, да надојам бебе, да измолзам млеко, да стигнам на работа навреме, и сè почесто почнав да излегувам ненашминкана и во удобни партали. Потоа, дојде корона-ерата, на работа носев маска (сè уште носам), визир, а носам и очила, па ми беше апсолутно нелогично да се шминкам под целата таа опрема. Така постепено го надминав комплексот да морам да сум постојано нашминкана и иако едно време ми беше непријатно тоа што луѓето не ме препознаваа, ја свртев приказната во моја корист: ако можам толку многу да се променам и разубавам со шминка и гардероба, мора да сум многу добра во тоа што го правам.

Што би си дозволила попрво: да се појавиш на настан без грам шминка или да се појавиш во комплетно погрешна модна комбинација?

Не би сакала да морам да одберам една од овие „грешки“. Да се појавам на настан без шминка сметам дека  е непочитување на сериозноста на настанот, а и на мојата професија. Истото важи и за стајлингот, особено ако постои дрескод. Ако настанот е деловен, се облекуваш деловно, ако е гала-настан, се облекуваш гламурозно, ако е дневен настан, се облекуваш полежерно и така натаму. Се трудам да бидам во согласност со темата, но во стајлингот секогаш има и простор за интерпретација.

Кои се твоите правила за нега и убавина од кои никогаш не отстапуваш?


Поврзани објави

Никогаш не заспивам со неисчистено и нехидрирано лице. Користам козметика соодветна на мојата возраст, крем против стареење уште од мојата 25-та година, серум и крем со заштитен фактор преку ден. Се обидувам да се придржувам до една иста рутина подолго време, бидејќи ако често менуваш производи и брендови, не им оставаш простор да дејствуваат и да го покажат својот ефект.

Што сакаш, а што не сакаш кај себе?

Никој од нас не е сто отсто задоволен од сопствениот изглед. Дури и да прашате моделка од Викторија Сикрет дали би сменила нешто кај себе, сигурно ќе одговори потврдно. Такви сме ние жените. Сакам да сум 20 кг послаба, сакам да сум постегната, да имам помалку целулит, да имам послаби раце, да немам подбрадок… Вака можам до утре. Но тоа не го менува фактот дека можам да бидам среќна и дотерана и ваква. Го сакам тоа што ми е дадено од Господ и го носам тоа најдобро што знам. Карактерно, секогаш има простор за подобрување. Мислам дека би сакала да имам повеќе нерви и толеранција, иако свесна сум дека тие само се намалуваат со текот на годините. Би работела на тоа да пронајдам поголем внатрешен мир. Си ги ценам интелигенцијата и способноста и мислам дека тоа ми е најсилниот адут.

Си имала ли периоди во животот кога си се чувствувала несигурно во себе? Кои се твоите совети за поголема самодоверба?

Секако дека да, и многу сум работела на себе за да станам тоа што сум денес. Самодовербата не се стекнува преку ноќ и во основа не зависи само од физичкиот изглед. Најважно е да си свесен колку знаеш, колку можеш и колку вредиш. Добриот изглед е само бонус.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО:  BADSTEF, Инстаграм

ДОБРО УТРО е дневен информативен портал. Информациите се од секојдневни !

Дизајн GLOBAL NET. Хостирано од MAX HOSTING