Почетна Убавина и здравје „Најважни се желбата, дисциплината, самодовербата и фокусот“ – Убавина и здравје

„Најважни се желбата, дисциплината, самодовербата и фокусот“ – Убавина и здравје

од nenad
4 минути читај за

„Поканата за учество на ЛОИ е круната на сите мои медали и награди. Не е мала работа да се застане рамо до рамо со најуспешните спортисти во светот“, изјави нашата теквондистка

Нашата теквондистка Милијана Рељиќ ја воодушеви јавноста со својот неверојатен настап на годинешните Летни олимписки игри во Париз, а последно освои бронзен медал на Г1 турнирот во Загреб! Таа е актуелна европска клупска шампионка во теквондо, која на последните 9 Г1 турнири има освоено 7 медали и која веќе почна да собира поени за Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година. Кои се нејзините лични дилеми и стремежи, како се подготвува пред важен натпревар и како се справува со спортските предизвици, дознајте од нашиот разговор во продолжение…

Теквондото е многу динамична боречка вештина. Како реагираа твоите најблиски кога сфатија дека имаш сериозни намери да напредуваш во овој спорт?

Теквондото е корејска боречка вештина и национален спорт во Јужна Кореја. Станува збор за многу брз, динамичен, експлозивен и контактен спорт, кој изгледа опасно и грубо, па затоа се смета за невообичаен за девојки. Имав поддршка од семејството уште на самиот почеток кога почнав да тренирам, но од страна ми се случуваше да добијам коментари од типот „еј, Мила, па ти си многу нежна, слаба за да се занимаваш со ваков спорт, не ли можеш да одбереш нешто помирно…“ Но со текот на времето, сите се навикнаа. Во светот, бројот на девојки што се занимаваат со овој спорт е еднаков со тој на мажите.

Како ти се роди љубовта токму кон овој спорт?

Сосема случајно. Кога имав 7 години, бев дебелко и немирно девојче, па моите родители одлучија да ме запишат на некој спорт за да го потрошам вишокот енергија. Во моето училиште имаше уписи само за игроорна и теквондо, па изборот падна на теквондото. Почетоците беа чисто рекреативни, но со текот на годините, почнавме да одиме по натпревари со мојот тренер Александар Ефтимов и почнав да освојувам медали. Тука тој веќе го препозна мојот потенцијал и неговите зборови дека можеме да направиме нешто посериозно беа клучни и пресудни за да почнам професионално да се занимавам со теквондо.

Имаш освоено многу медали и признанија. Кои твои досегашни достигнувања најмногу ти значат?

Во досегашната осумгодишна кариера имам освоено повеќе од 30 медали и секоја награда има посебно место во моето срце. Како најдрага, сепак, би ја издвоила бронзата на Европското првенство до 21 година. Морам да ги споменам и признанијата за најуспешна млада спортистка во Македонија, кои ми ги доверија две години по ред. Поканата за учество на ЛОИ е круната на сите овие медали и награди, што за мене претставува исполнување на мојот најголем сон. Не е мала работа да се застане рамо до рамо со најуспешните спортисти во светот.

Како изгледаат твоите подготовки пред важен натпревар?


Поврзани објави

Имам професионални турнири на секои 3-4 недели, но кога станува збор за европски и светски првенства, правам и дополнителни подготовки. Во принцип, спортистот може да биде во најдобра форма двапати во годината и затоа, таа форма треба да се темпира пред најважните натпревари. Пред натпревар, се фокусирам само на денот на борбите. Честопати го исклучувам телефонот и не сум активна на социјалните мрежи за да се сконцентрирам само на натпреварот. Исто така, се грижам да имам квалитетен сон и исхрана.

Имаш ли моменти кога се чувствуваш несигурно во себе и како ги надминуваш?

Секој спортист барем еднаш во својата кариера се има почувствувано несигурно во себе. Но тоа е составен дел од спортот и треба да научиме да се избориме и да го надминеме. Знаете, кога еднаш ќе го закитите вратот со медал, просто се навлекувате на тоа убаво чувство и сакате уште повеќе. Оттука произлегува мотивацијата за уште поголеми успеси. Секако, најголема поддршка и мотивација добивам од мојот тренер Александар, со кого поминавме сè заедно, победи, порази, повреди…

Често се зборува за родова нееднаквост во спортот. Имаш ли почувствувано некаква дискриминација на своја кожа?

Досега воопшто немам почувствувано родова нееднаквост во мојот спорт, и генерално во нашата земја. Ние вежбаме заедно и момчиња и девојчиња, заедно правиме борби. Интересно е што бројот на момчиња и девојчиња што тренираат теквондо е еднаков.

Кои се најважните особини и вештини што една млада жена треба да ги поседува за да успее во светот на спортот?

Најважни се желбата, дисциплината, самодовербата и фокусот на достигнувањето високи цели. Откажувањето поради пречките на патот до успехот е забрането!

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

ДОБРО УТРО е дневен информативен портал. Информациите се од секојдневни !

Дизајн GLOBAL NET. Хостирано од MAX HOSTING